Во рамки на проектот „Уметност за сите“ и по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со аутизам, Националната галерија на Македонија в четврток во Чифте амам ќе отвори изложба „Пролет, лето, есен, зима… и повторно пролет“, а наредниот ден ќе организира трибина „Културолошка инклузија на лицата со посебни потреби“.

Во автентичниот амбиент на Чифте амам беа организирани креативни работилници во кои учествуваа деца со аутизам од училишта од Штип и Скопје. Тие работеа со различни материјали од органско и од неорганско потекло од што произлезе и изложбата. Неа задутре ќе ја отвори покровителот на проектот „ Уметност за сите“- амбасадорот на Холандија Ваутер Пломп и ќе може да се посети до 12 април.

На трбината „Културолошка инклузија на лицата со посебни потреби“ која во Чифте амам ќе се одржи на 5 април ќе учествуваат владини претставници, писатели, уметници, дефектолози…

Националната галерија вторпат ќе организира трибина посветена на култоролошките активности на лицата со посебни потреби. НГМ соопшти дека нивната цел, која е поттикната од долгогодишниот револт од секојдневната дискриминација и маргинализација на лицата со нетипичен развој, е тие да се вклучат во што поголем број културни активности, а особено во процесот на создавање уметност.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/04/2019 16:36