Младиот Марко Мицов, кој живее и работи во САД, е првиот добитник на наградата „Менада“ за млад уметник за 2019 година на фестивалот „Танц фест“.
Таа првпат ќе биде доделена покрај веќе традиционалната „Менада“ за врвни достигнувања во областа на танцот, која годинава ѝ се доделува на кинеската кореографка и танчарка Зао Шји, уметничка директорка на Интернационалниот фестивал „The New“ во Пекинг.
Новата „Менада“ се воведува како признание и поттик за младите уметници во нивната натамошна работа. За таа цел „Танц фест“ формираше комисија во која членуваат Емилија Џипунова, Билјана Илиќ и Сотир Трајков. Тие едногласно одлучиле првата „Менада“ за млад уметник да му биде доделена на Марко Мицов кој гради успешна кариера во САД.
Мицов има балетско образование во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“-Скопје под раководство на Соња Здравкова-Џепаровска. Во 2011 година добил целосна стипендија за летната школа на „Мистик балет“ во Конектикат, компанија со која ќе има можност да настапи на престижниот Џајкопс Пилоу фестивал и на Здружението на професионални изведувачки уметници-АПАП во Њујорк.
На покана на Гелси Киркленд наредната година Мицов се приклучил кон трупата на Киркленд во Њујорк и неговите настапи се забележани од публиката и критиката, па за него се пишува во Њујорк тајмс, Хафингтон пост, Балет фокус…
Во 2015 и 2016 година како гостин уметник настапувал во улогата на Оберон во „Сон на летната ноќ“ со Балетот на Атлантик Сити, како и во улогата на Дон Хозе во балетот „Кармен“ на Националниот балет на Вирџинија. Во 2016 година се придружуил на Балетот од Сан Антонио како член на ансамблот и веќе во 2018 година е промовиран во солист.
Оттогаш настапува во различни први улоги со компанијата вклучувајќи ги „Трибјут“ на Фредерик Франклин и „Убавицата и ѕверот“ на Брус Велс, „Круг на ангелите“ на Гералт Арпино, „Кармен“ на Јосвани Кортелан и добива можност како солист да настапи во претставата „Рубините“ на Џорџ Баланшин. Мицов има улоги и во „Болеро“ и „Елементи“ на Вили Шивас, во „Лебедово езеро“, „Копелија“, „Заспаната убавица“, „Оревокршачка“…