Во Скопје попладнево почна Бизнис форумот Македонија – Грција, на кој учествуваат околу 400 стопанственици од двете земји. На форумот ќе се обратат премиерот Зоран Заев и грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Грчкиот премиер го придружува делегација со над 140 директори и претставници од над сто мали и средни претпријатија, кои ќе земат учество на Бизнис форумот, меѓу кои се „Митилинеос груп“, „Интраком“, „Мотор оил“, „Прометеус гас“, „ГЕК Терна“, „Хеленик Петролеум“, „Актор“, „Апитивита“, ППЦ, ДЕСФА, ТИТАН, „Виохалко“, „Сиденор СА“, „Алфа дигитал“, „Алумил СА“, „Маламатинас & Сон СА“, „Охонос Снак СА“.

Бизнисмените кои го придружуваат премиерот Ципрас се од секторот на градежништвото, енергетиката, прехранбената индустрија и нови технологии, а на Бизнис форумот ќе бидат разгледани можностите на проширување на нивниот бизнис во земјава.

Премиерот Зоран Заев во интервју за Франс прес рече дека Македонија ќе има огромна економска корист од Договорот од Преспа потпишан со Грција.

Грчките компании, како што посочува, веќе покажале интерес за инвестирање повеќе од 500 милиони евра во енергетскиот сектор во Македонија, а има интерес за вложување и во земјоделството и други сектори.

Грчкиот премиер претходно на прес-конференцијата со премиерот Зоран Заев истакна дека најважното прашање на нивната средба била економијата, затоа што, како што рече, мора да забрзаме и ги премостиме јазовите од минатото, како и да избегнеме двојно оданочување.

– Покрај тешкотиите има многу грчки претприемачи кои во моментот работат и се активни во Македонија. Сепак, мојата делегација носи со себе повеќе од стотина претприемачи се со цел да се постигне подобра соработка и односи во иднина. Воспоставивме и координативен комитет за наша соработка, што ќе врши надзор и ќе ги поддржува таквите потфати во рамки на економските односи, изјави Ципрас.

Над 400 грчки бизниси, што опфаќаат 25.000 работни места се активни во градежништвото, рударството, банкарството, нафтената инудстрија, козметичка индустрија и прехранбен сектор.

Шест грчки компании се вклучени на листата на 50 најпрофитабилни бизниси во Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/04/2019 18:24