Од стагнација во меѓусебните односи, двете земји сега може да соработуваат, да ги искористат можностите и да се отстранат пречките за позасилена економска соработка. Денес е историски ден, што ќе се памети во двете држави. Грција е влезна точка, а Македонија е транзитна точка на сите иницијативи и проекти и затоа мора да се искористат можностите од Преспанскиот договор. Ова го посочија премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, во поздравните обраќања на Бизнис форумот Македонија-Грција што се одржува попладнево во Скопје.

– Ова е историски ден што ќе се памети во двете пријателски двете пријателски држави. Пред една година се уште не можевме да размислуваме дека ова ќе се случи. Јас и мојот драг пријател Алексис многу поверојатно ја гледавме верзијата во која нашите политички кариери доаѓаа до некаков залез по цена на нашите две држави да успеат. Патот да дојдеме до овој ден не беше воопшто едноставен и лесен. Оваа наша Влада откако се формираше си постави јасна цел – решавање горливи проблеми со цел граѓаните да добијат поквалитетн живот. Беше потребна огромна мудрост и трпение. Но кога се пристапува отворено и со желба да се добие нов пријател тогш нештата се повеќе можни отколку кога се настапува со страв, изјави Заев на обраќањето на Форумот.

Според него, првата меѓувладина седница меѓу двете држави, Советот за соработка на високо ниво, потпишувањето меморандуми за соработка, сето тоа дава поинаква слика што се сме пропуштиле во претходните неколку години како две соседни земји, кои не можеле да соработуваат за основните меѓудржавни прашања заради спорот што постоеше.

– Денес преминуваме од состојба кога сме имале многу ограничен простор за економска соработка со Времената спогодба од 1995 година, до целосно отворено поле, за економска соработка која допрва ќе треба да ја истражиме, посочи Заев.

Според премиерот, претставниците на бизнис заедницата биле најоштетени заради тоа што нив одамна им бил очигледен потенцијалот за економската соработка, доколку двете држави се пријателски настроени.

– Вие бевте тие што и покрај политичките пречки и неможноста на политичарите секогаш да го стават повисокиот интерес во фокусот, моравте да барате креативни решенија да соработувате меѓу вас. Ви честитам што сте биле партнери низ тешки времиња. Бројките говорат за вашата посветеност и тоа беше пресудно во нашиот напор да ги отстраниме пречките за економска соработка, да добиеме нов моментум, се обрати Заев на претставниците на бизнис заедницата.

Заев подвлече дека во 2018 година Грција стана наш втор трговски партнер.

– Волуменот на размена во 2018 порасна за 20,7 проценти, споредено со 2017 година. Достигнавме меѓусебна трговија од близу една милијарда долари. За РСМ трговскиот дефицит се зголеми за 30,7 проценти, во споредба со 2017 година. Ова значи дека ќе работиме активно нашите компнии да се борат да го зголемат својот извоз во Грција со што би го намалиле ваквиот дефицит. Или евентуално со зголемување грчки инвестиции во земјава да го избалансираме овој дефицит, истакна тој.

Рече дека Грција е трет директен странски инвеститор во РСМ со вкупно 474 милиони евра инвестиции од 1997 година до 2017. Или вкупно учество од 10,1 процент од странски директни инвестиции во државата, што го опфаќаат банкарскиот сектор, телекомуникациите, енергетика, градежништво, прехранбени производи…

– Сакаме да го реализираме проектот за гасен интерконектор меѓу Грција и Северна Македонија што би се проширил и до Србија, Романија и до Косово, и би се поврзал со Трансјадранскиот гасовод, истакна тој и додаде дека од стагнација во меѓусебните односи, дојдовме до момент кога Грција ја гледа РСМ како главен партнер за трансформирање на регионот во енергетски транзитен центар.

Алексис Ципрас на отворањето на Бизнис форумот во Скопје рече дека е импресиониран од бројот на претприемачи на форумот, што покажува дека двете земји може да соработуваат и ги искористат можностите.

– Повеќе од 140 претприемачи денеска се присутни тука. Им благодарам што ја користат можноста да пристапат до економија што нуди разни можности, истакна Ципрас.

Посочи дека Договорот од Преспа става крај на 30-годишна инертност и добива на уште поголема важност бидејќи се случува во период на повици за претпазливост и национализам низ Европа.

– Денеска сме тука да покажеме дека се бориме против тоа. Вие со вашата присутност покажувате дека заедно можеме да се бориме против стереотипите, истакна Ципрас.

Сакаме да бидеме оптимисти и верувам, посочи Ципрас, дека Договорот ќе придонесе кон трансформација на претпристапните преговори во конкретни во јуни за вашата земја на патот кон евроинтеграциите.

Според Ципрас добро е што освен ЕУ на Балканот се активни и иницијативите на САД, Кина со 16+1 и Русија.

– Грција е влезна точка, а Северна Македонија е транзитна точка на сите иницијативи и проекти. Затоа ние мора да ја искористиме можноста од Договорот и да се избориме со 27 годишната инертност, изјави Ципрас. Подготвивме серија економски договори за денешните состаноци што следат. Ние не сме тука денеска да извршиме економска инвазија на Скопје, како што пишуваа некои од медиумите, ние сме тука да ги искористиме можностите и да ги отстраниме пречките, изјави Ципрас.

Тој рече дека денеска зборувавме за искористување на алатките од ЕБРД и Светска банка за зголемување на инвестициите на Балканот, како и за искористување на пристаништата во Солун и Пиреа за допирање до европските пазари и се тоа преку Македонија, но за тоа, посочи, е потребно и зголемување на инвестициите во инфраструктурата.

– Северна Македонија е земја која благодарение на Договорот и тешките реформи преземени од Владата покажува на Европа дека е одлучна да оди по европскиот пат. Грција на овој напор ќе биде сојузник и партнер на Северна Македонија и верувам дека сите европски партнери ќе сфатат дека земјата треба да биде наградена со пристапни преговори и тоа во јуни, подвлече грчкиот премиер.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев посочи дека растот од 20,7 проценти на економската соработка меѓу двете земји покажува што може само малото затоплување на односите да поттикне во економијата.

– Нашата држава е упатена да соработува пред се во пристапот на море преку солунското пристаниште. За тоа е потребно инфраструктурно поврзување. Денеска зборувавме и за надминување на институционалните пречки. Ве повикувам да инвестирате, а Владата само ќе ви биде поддршка. Не е функција на Владата да создава бизниси, туку да создава услови и тоа денеска го правиме, изјави Анѓушев.

Посочи дека во рамки на енергетската соработка денеска зборувале и за гасно поврзување на нашата земја преку Грција. – Очекувам и годинава економскиот раст да има двоцифрен број, изјави Анѓушев.

Претседателот на стопанската комора Бранко Азевски, истакна дека денеска можеби е прва посета на грчки премиер на нашата земја, но затоа ова е можеби негова десетта средба со грчкиот колега досега само во Скопје, а имале и десетина средби во Грција и десетина на форуми низ други земји.

По свечените обраќања следуваат тет а тет бизнис средби на стопанствениците.

На Форумот учествуваат околу 400 стопанственици од двете земји.

Грчкиот премиер го придружува делегација со над 140 директори и претставници од над сто мали и средни претпријатија, кои ќе земат учество на Бизнис форумот, меѓу кои се „Митилинеос груп“, „Интраком“, „Мотор оил“, „Прометеус гас“, „ГЕК Терна“, „Хеленик Петролеум“, „Актор“, „Апитивита“, ППЦ, ДЕСФА, ТИТАН, „Виохалко“, „Сиденор СА“, „Алфа дигитал“, „Алумил СА“, „Маламатинас & Сон СА“, „Охонос Снак СА“.

Бизнисмените кои го придружуваат премиерот Ципрас се од секторот на градежништвото, енергетиката, прехранбената индустрија и нови технологии, а на Бизнис форумот ќе бидат разгледани можностите на проширување на нивниот бизнис во земјава.

Над 400 грчки бизниси, што опфаќаат 25.000 работни места се активни во градежништвото, рударството, банкарството, нафтената инудстрија, козметичка индустрија и прехранбен сектор.

Шест грчки компании се вклучени на листата на 50 најпрофитабилни бизниси во Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/04/2019 19:14