Македонскиот народен театар денеска го одбележа 74-тиот роденден со изложба на фотографии, текстови, скици, плакати и програмки за претстави од македонски автори од различни генерации кои биле поставени на неговата сцена во речиси седум и пол децении. Авторката на изложбата Ивана Јарчевска на отворањето на изложбата „Од текст до претстава“ истакна дека таа е приказ на богатото домашно драмско творештво и неговото место во обемната сценска продукција.
МНТ на денешен ден пред 74 години ја имал првата премиера на македонски јазик: „Платон Кречет“ од советскиот драматург Александар Корнејчук, а по само четири и пол месеци (16 август 1945) ја поставил третата премиера која била прва од македонски автор – „Чорбаџи Теодос“ на Васил Иљоски. Оттогаш на сцената на националниот театар меѓу 400 поставени или обновени, имало повеќе од 100 претстави на дела од македонски автори, почнувајќи од Чернодрински, Панов, Крле – сè до новата генерација драмски писатели.
Автори на најголем дел од фотографиите од претстави прикажани на изложбата се Томо Лазовски, Драган Гајиќ и Кире Галевски. Сценографските скици се на Томо Владимирски и Бранко Костовски, а костимографските на Ана Петрова, Мира Глишиќ, Рада Петрова-Малкиќ, Јелена Патрногиќ, Елена Дончева, Ѓорѓи Здравев и Лира Грабул.
Актерите што денеска беа во МНТ за да го одбележат неговиот роденден со задоволство се сеќаваат на македонските претстави во кои имале улоги.
Снежана Коневска-Руси, која годинава одбележува 45 години кариера, меѓу македонските претстави во кои учествувала ја издвои „Студенти“ од Бранко Пендовски со која настапувале насекаде во поранешна Југославија и добиле најдобри критики. Ги спомна и „Антица“ од Ристо Крле и „Мелница“ од Митко Маџунков – автор во чии текстови често настапувала и на сцената на Струмичкиот театар.
-Добро е што се прашува за театарот и актерите наспроти сè друго што се случува околу нас. Се говореше дека театарот не е тој што може да го смени светот, но може барем за момент да ни ја промени свеста, начинот на живот и начинот на однесување, додаде Коневска-Руси, посакувајќи МНТ своите родендени да ги одбележува и со специјално подготвена премиера за овој повод, како што било во минатото.
Меѓу експонатите на изложбата е и плакат од претставата „Надвор од умот“ по текст на актерите Јордан Симонов и Александар Микиќ и режисерот Васил Христов од пред 30-ина години.
-Бевме млади и ентузијасти, напишавме текст и го поставивме како копродукција на тогашниот „25 Мај“ и МНТ. Убаво е вака, одвреме-навреме да видиш свое дело на плакат, дека си дел од историја. Треба да има автори од странство, но и да ја негуваме нашата драматургија, иако за тоа има и други фактори што влијаат – треба добри драматурзи, па некој тоа да го прочита и да се заинтересира да го постави во простор. Но мислам и дека успеваме, а показател е тоа што наши драми се поставуваат надвор, изјави актерот Симонов. Во МНТ тој играл во повеќе од 60 наслови, меѓу кои и во голем број од македонски автори, како Дуковски, Чашуле, Чинго, Горан Стефановски…
Меѓу малкутемина вработени од МНТ што присуствуваа на отворањето на роденденската изложба, беше и доајенот на македонскиот театар Милица Стојанова која е и редовен посетител на сите претстави.
– Доживеав „Алма Малер“ да ја играм и во оваа зграда на театарот. Не смее да не се дојде во театар, особено во ваква ситуација – да се видиме актерите меѓу себе. Сега помалку се гледаме отколку во мое време. Во театар доаѓа оној кој е вљубен во театарот, а јас сум од 1953 година, рече Стојанова.
Директорката на Македонскиот народен театар Симона Угриновска изјави дека во програмата за 2019-та планирани се седум премиери, но тоа зависи и од доцнењето на Годишната програма за поддршка.
Веќе се подготовуваат две претстави чии премиери се очекуваат во мај – „Макбет“ во режија на Нела Витошевиќ и „Тик так“ на режисерот Синиша Ефтимов на малата сцена. До крајот на сезоната се очекува и премиера на претстава што ќе ја работи познатиот бугарски режисер Јавор Грдев, според „Hangmen“ – текст од 2015 година на актуелниот британски автор Мартин Мекдона.