Советот за рамномерен регионален развој на денешната седница го утврди предлогот за финансирање нови 44 проекти во осумте плански региони, што ќе и биде доставен на Владата на усвојување на наредната седница. Вкупно 289 милиони денари се обезбедени од буџетската Програма за рамномерен регионален развој што се реализира преку Министерството за локална самоуправа.

Како што соопшти кабинетот на вицепремиерот за економски прашања и координација со економските ресори, распределбата на средствата на осумте плански региони се прави врз основа на Одлуката за степенот на развиеност. Во вкупниот износ Скопскиот плански регион, како најразвиен, учествува со 7,2 отсто, Југоисточниот со 11,1 отсто, Источниот плански регион со 11,3 отсто, Пелагонискиот со 11,9 отсто, Полошкиот со 13,2 отсто, Југозападниот со 13,3 отсто, Вардарскиот со 14,7 отсто и Североисточниот плански регион со 17,3 отсто.

Согласно утврдената методологија, во најмалку развиениот, Североисточниот плански регион ќе се финансиираат четири проекти со 50 милиони денари, а во Вардарскиот плански регион осум проекти со 42,5 милиони денари. Во Југозападниот плански регион три проекти со 38,4 милиони денари, во Полошкиот плански регион шест проекти со 38,1 милион денари, а во Пелагонискиот плански регион девет проекти со 34,3 милиони денари. Во Источниот плански регион ќе се финансираат четири проекти со 32,6 милиони денари, во Југоисточниот плански регион четири проекти со 32 милиони денари и во Скопскиот плански регион ќе се финансиираат шест проекти со 20,8 милиони денари.

Како што е предвидено со Законот за рамномерен регионален развој, секоја година веднаш по донесувањето на буџетот за наредната година, Центрите за развој ги доставуваат предлог-проектите врз основа на одлука донесена од страна на секој од осумте Совети за развој на планските региони. Изборот на проектите, регионалниот Совет го прави од листата на приоритетни проекти што Советот на секој плански регион ја има утврдено во широк консултативен процес на регионално ниво. Станува збор за предлог распределба на 70 отсто од средствата од Програмата за рамномерен регионален развој. Останатите 30 отсто, согласно Законот, ќе бидат распределени за реализација на проекти за развој на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/04/2019 15:21