Издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ распишаа прв конкурс за новата книжевна награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината. За наградата може да конкурираат сите необјавени романи (ракописи) наменети за возрасни или за деца.

Романите треба да бидат предложени од самите автори-кандидати за наградата, кои треба да ги достават своите ракописи во електронска форма (во Word или во PDF-формат), на е-пошта: pegaz@arslamina.com. Конкурсот ќе биде отворен до 15 мај 2019 година.Ракописите ќе ги оценува тричлено стручно жири.

Наградата се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција најдоцна во септември 2019 година. Доколку и некој друг од ракописите биде оценет позитивно, издавачот „Арс Ламина“ може да понуди објавување и на второ и треторангираните романи.

„Арс Ламина“ соопшти дека наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“.

-Имајќи го предвид јубилејот (во 2019 година навршуваат 20 години од литературната манифестација „Роман на годината“) и влијанието што оваа награда го изврши врз квалитативниот скок на македонската романсиерскa продукција, Фондацијата „Славко Јаневски“ и издавачката куќа „Арс Ламина“ го почнуваат овој заеднички проект на воспоставување уште една награда за роман на годината, овојпат за необјавен роман за деца или возрасни, сметајќи дека на тој начин ќе се овозможи уште поголем квалитет на овој специфичен литературен жанр, наведува „Арс Ламина“.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/04/2019 16:28