Премиерот Зоран Заев очекува економски раст од над четири проценти во првиот квартал годинава и надминување на проекциите за раст од 3,2 проценти за целата година.

Останува на заложбите за економска година, а оптимизмот, како што изјави денеска, го темели на податоците за раст на индустриското производство во првите два месеца од годинава за 11, односно седум проценти, растот од 312 проценти на капитални инвестиции во државни патишта, како и на растот на извозот од зоните за 25 проценти во првиот квартал.

Светската банка ги следи трендовите кои се случуваат, коишто нам ни даваат за право да останеме на нашите стојалишта и би кажал дури и повеќе, ќе ги поминеме проектираните 3,2 процента, од причина што во февруари индустријата порасна за седум проценти, во јанаури за 11 проценти . Вкупните капитални инвестиции во патишта се зголемени за 300 проценти. Лани во првиот квартал имало 980 милиони денари, а сега се 2,8 милијарди денари што е раст од 312 проценти. Синоќа доцна го добив податокот од растот на увозот и извозот во индустриските зони, од тирзовите, кој е зголемен над 25 проценти, рече Заев, во коментар на различните проекции за растот со Светска банка и неодамнешните критики од Германската стопанска комора.

Тоа, потенцираше, се сериозни индикатори коишто покажуваат дека нашата економија чекори со забрзано темпо.

– Во полн интензитет е и гасификацијата, железницата е целосно ослободена, тоа се 75 проценти од капиталните инвестици во државата, а останатите 25 проценти ги придвижуваме во деловите за канализации, градинки и училишта. Само со засукани ракави и добра работа можеме да ги пробиеме дури и проектираните параметри, рече Заев.

Германската стопанската комора, посочи, со право реагира кога ние како социјалдеморкати и левичари носиме одредени мерки, но наша обврска како Влада покрај бизнисот и економијата е солидарноста и помагањето на сиромаштијата.

– Верувам дека сите заедно уште на пресекот на ова полугодие ќе видиме дека ова е вин вин ситуација, добиваат и посиромашните, а добиваат и деловните луѓе во економијата, изјави Заев, при учеството на регионалната конференција на Сојузот на Ротари клубови на РСМ на тема: „Националната економија во пресрет на ЕУ – предизвици и искуства“.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/04/2019 12:55