Да го направиме Балканот, наместо регион што асоцира на предизвици, да биде место што нуди позитивни можности, активна регионална соработка и пријателство меѓу соседите, економски раст што ќе го чувствуваме сите, а со тоа и подобар животен стандард за сите наши граѓани. Ние имаме шанса да ја смениме иднината на овој регион – треба само да ја зграпчиме и да работиме на нашата заедничка агенда, истакна министерот за економија Крешник Бектеши на дводневниот Балкански форум за инфраструктура, развојни мрежи и за промоција на претприемништво и иновации, кој од денеска се одржува во Солун, во организација на грчкото Министерство за Македонија и Тракија.
Бектеши, како што информираат од неговиот кабинет, осврнувајќи се на скорешната посета на грчката државна делегација предводена од премиерот Ципрас, ги споменал правците на соработка и заедничките проекти договорени на седницата на Високиот Совет за соработка помеѓу меѓу двете земји.
– Грција е рангирана на второ место со кого Република Северна Македонија остварува најголем обем на трговска размена со светот во 2018 година, а растот во вкупната трговија изнесува 15,8 проценти, при што извозот е зголемен за 5,8 отсто, а увозот за 19,1 процент во однос на 2017 година. Во суштина, од петте наши најголеми трговски партнери во минатата година, дури три држави се земји од регионот, и тоа: Грција, Бугарија и Србија. Сосема природно е што сакаме да соработуваме со земјите кои ни се соседи, со нашите пријатели од регионот. Слично поднебје и менталитет, слични консументски навики и вкусови, слични предизвици. А тоа е одлична основа да ја надградуваме соработката во сите економски сектори, рече Бектеши.
Министерот Бектеши, на форумот го претставил и Планот за економски раст и Законот за поттикнување на инвестиции, со кои за првпат е овозможен еднаков третман за сите инвеститори – домашни и странски и ги поканил компаниите од земјите присутни на Форумот да инвестираат во Северна Македонија и да го почувствуваат ефектот од донесените мерки. Во своето обраќање, се осврнал и на реформите во енергетскиот сектор, кои ќе овозможат повеќе инвестиции во обновливите извори на енергија, а согласно темата на панелот, Бектеши ги споменал и мерките за поддршка на мали и средни компании, со акцент на поддршката која им се дава на компаниите за развој на нови иновативни производи, бидејќи како што истакнал, развојот на иновативноста е иднината на економијата на Република Северна Македонија.
Форумот го отвори заменик министерката за Македонија и Тракија, Елефтерија Хаѕигеоргиу, а вицепремиерот на грчката Влада, Јанис Драгасакис зборувал на можностите и перспективите на балканската соработка. На панелот, се вели во соопштението, се обратиле и заменик министерот за економија и развој на Република Грција, Астериос Питсиорлас и заменик министерот на Романија, Богдан Константин Андроник.