Бизнис идејата на Илир Села со која, преку наменски дизајнирана платформа, на американците им се овозможува да пронајдат локална пицерија и да направат онлајн нарачка, со што им се помага на помалите пицерии да го зголемат бизнисот и бројот на клиенти, на државата и донесе над 350 вработувања на млад кадар. Компанијата Слајс, во која Села ја преточи својата идеја, до крајот на годинава планира да вработи уште околу 200 различни кадри. А како што расте фирмата, не е исклучено и натаму да расте и бројот на вработените во неа. Стартап компанијата на Села, за која пишуваа и Форбс, Њујорк Тајмс и Бизнис инсајдер, потекнува од Њујорк, каде е основана, но е водена и менаџирана токму од Република Македонија преку канцелариите во Дебар, Охрид, а сега и во Скопје во кои работат млади луѓе.
Со оглед дека Слајс целосно се потпира на македонски кадри од ИТ областа како и од другите сектори, компанијата потпиша Меморандуми за разбирање со три македонски универзитети – со факултетот за Информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот Св. Кирил и Методиj во Скопје, со Универзитетот во Тетово и со Универзитетот на Југоисточна Европа, коишто предвидуваат различни видови соработка, во различни области. Соработката, освен што претставува помош во развојот на научно-наставната програма, ќе овозможи и создавање кадар кој е потребен на компанијата за нејзин натамошен развој и ширење.
Меморандумите, меѓу другото предвидуваат соработка во развојно-истражувачки проекти, давање експертски услуги, но и едукативни активности како, на пример, учество на наставен кадар во дообучување на вработените во Слајс, изработка на дипломски работи на студенти со користење на човечките, просторните и материјалните ресурси на компанијата, како и донирање опрема на Универзитетите и поддршка при инвестициски активности. Но и стипендирање на студенти од завршните години, како и постдипломци чие поле на интерес е во делокругот на работата на компанијата, обезбедување студентска пракса за студентите-стипендисти, како и за останати студенти запишани на студиски програми од кои може да излезе кадар потребен на Слајс. Соработката предвидува и наградување на студенти кои покажале натпросечни резултати во студирањето или постигнале забележителни иновациски резултати во области од интерес на компанијата, но и вработување на кадар, по препораки од универзитетите.
Од Слајс велат дека квалитетот на македонскиот кадар досега достојно се покажал и токму тој овозможил бизнисот успешно да се води од тука. И токму затоа, ако во Дебар пред 8 години се започнало со еден програмер и само 5 вработени, сега Слајс, покрај канцелариите во Њујорк и Белфаст, во Македонија има три канцеларии - во Дебар, во Охрид и сега во Скопје, со повеќе од 350 вработени кои нудат беспрекорни услуги и за корисниците и за пицериите во САД, кои се клучни за корисничкото искуство. Со добрата поставеност, професионалност и ефективност, македонскиот тим се грижи услугите на Слајс да бидат достапни за нивните клиенти 24/7 и нарачките да бидат навремено доставени до секоја адреса без разлика каде се наоѓа.
Бидејќи во Слајс вработените се движечката сила која секогаш придонесува со свои идеи бизнисот да оди напред, компанијата инвестира во младите луѓе овозможувајќи им многу брзо да напредуваат во нивните кариери и да работат различни тематики. А таквото инвестирање е преточено и во директна соработка со Универзитетите, односно со местата од каде излегува кадарот каков што во моментов, или во иднина, ќе му биде потребен на Слајс.