На 29-ти март распишан е тендер за набавка и инсталација на нови електростатски филтри во РЕК Битола. Инвестицијата се проценува на 20,4 милиони евра, кои компанијата ги обезбедува од сопствени извори. Една од најзначајните компании во државна сопственост инвестира повеќе од 20 милиони евра кои сама ги заработила. Тоа значи дека во минатото останале времињата кога Државните електрани кубуреа со струја, увезуваа скапа струја и парите оделе во непотребни инвестиции. Сега ЕСМ е насочена кон произвдство на струја со која ги задоволуваат потребите на потрошувачите во земјата, а како што неодамна слушнавме, врши и продажба на вишоци, со што остварува добивка и за сопствениот и за државниот буџет.

Ова денеска го изјави премиерот Зоран Заев кој ја посети РЕК Битола и се сретна со директорот на АД ЕСМ Драган Миновски и директорот на РЕК Битола Васко Ковачевски, направи обиколка на производствените капацитети и реализираше средба со Управниот и Надзорниот одбор.

– Инвестицијата во реконструкција на системот на електростатските филтри на РЕК Битола е дотолку позначајна што е најголемата во областа заштита на животната средина во земјава или барем во компанија во државна сопственост. Заштитата на животната средина во минатото беше запоставена, а сега претставува еден од приоритетите на оваа Влада. И ќе биде уште позначајна како Република Северна Македонија ќе чекори кон НАТО и Европската Унија, каде стандардите се на високо ниво, нагласи Заев. Изрази задоволство што АД ЕСМ и РЕК Битола преземаат чекори во насока на заштита на животната средина за да го подобрат квалитетот на живот на граѓаните во пелагонискиот регион.

На почетокот на постапката за реконструкција на електростатските филтри во РЕК Битола, како што рече, се надоврзуваат и планираните тендери на Државните електрани за изградба на ветерен парк во Богданци – втора фаза и тендер за изградба на ветерен парк во Миравци, а на есен се очекува и почетокот на изградбата на топлификацијата кон Новаци, Могила и Битола. Според премиерот, сите овие проекти на АД ЕСМ ќе значат подобар живот за граѓаните во овој дел од државата.

Заев истакна дека Државните електрани ќе имаат владина поддршка во сите чекори и проекти што ги реализираат и ги планираат бидејќи, како што рече, без стабилен електроенергетски систем, нема стабилна држава.

– Парите што Електрани на Северна Македонија ги заработуваат се враќаат овде во електраните. Порано парите се трошеа на непотребни проекти, на кои се исмејуваа граѓаните. 20.4 милиони евра во екологијата, а останатите пари од добивката исто ќе се вратат овде. Јас верувам дека тоа ќе даде сериозен придонес и во севкупната имплементација на капиталните инвестиции во државата и парите ќе одат таму каде што треба. Сета оваа реинвестирана добивка што се случува во филтри или во опрема, или во ископите ќе донесе нови вредности и нови профити за кои вреди да се работи, рече Заев.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/04/2019 13:18