Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп го преплави со пофалби капитенот на тимот Џордан Хендерсон по неговото одлично претставување во натпреварот против Саутемптон, освоен од „црвените“ со 3:1 на „Сент Мерис“.

Англискиот репрезентативец се појави на теренот при резултат 1:1 и беше со главна заслуга за пресвртот, асистираше на Мохамед Салах за 2:1 и го постигна третиот гол за својот тим во натпреварот.

За Хендерсон, ова беше прв гол за „црвените“ од септември 2017 година.

Фудбалерот на Ливерпул често е критикуван за играта од фановите и медиумите, но според Клоп тоа е така поради големите очекувања кон него. Хендерсон наследи не било кој, туку легендата на клубот Стивен Џерард во 2015 година. Менаџерот на тимот сепак не престанува да го брани својот капитен, и покрај критиките.

– Овој гол значи многу за него, како и за нас. Тој е фантастично момче. Хендерсон ги заслужува сите пофалби, иако не добива многу. Од моја гледна точка, Хендо е брилијантен фудбалер. Тој е наш капетан, тој има фантастичен карактер. Ако морав да напишам книга за него, ќе имаше 500 страници. Јас сум позитивен. Најтешката работа во фудбалот во текот на изминатите 500 години е да го замениш Стивен Џерард. Луѓето мислат дека ако тој не е Стиви, тој не е доволно добар. Хендерсон го направи ова исклучително добро и може да биде навистина горд на овој факт, рече Клоп.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/04/2019 13:27