Изминатите две години напорно работевме на реформирање и подобрување на системот на јавни финансии, вклучително и на јавната финансиска контрола. Нашите приоритети се транспарентно, отчетно и ефикасно управување со јавните средства, а внатрешната контрола има значајна улога во тоа, порача министерот за финансии Драган Тевдовски на меѓународната конференција ПЕМПАЛ што деенска и утре се одржува во Скопје.

На конференцијата има преку 70 претставници од единиците за хармонизација на јавната внатрешна финансиска контрола од 20 земји од светот меѓу кои од Јужна Америка, Африка, од земјите од поранешен СССР, Западна Европа, како и од Балканот.

-Неодамна Владата на Република Северна Македонија го усвои документот „Политика за внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор“, која претставува стратегија за понатамошен развој на системот за внатрешна контрола во јавниот сектор во државава. Ние сме прва земја во регионот која има изработено ваква стратегија. Во неа ја дефинираме рамката на современиот, ефикасен и ефективен систем за финансиско управување и контрола, внатрешна ревизија, централна координација и хармонизација и финансиска инспекција во јавниот сектор. Исто така, во стратегијата предвидовме решенија кои ќе превенираат одредени проблеми кои постоеја во минатото, рече Тевдовски во своето обраќање.

Наследивме, посочи, проблем со заостанати скриени обврски кај институциите и фондовите и затоа во стратегијата предвидуваме дополнителни механизми кои ќе го спречат тоа во иднина.

– Финансиската инспекција ја затекнавме слабо екипирана и со мал капацитет. Преку имплементација на мерките на оваа стратегијата ќе се воспостави функционална финансиска инспекција во јавниот сектор, при што Владата ќе има дополнителна гаранција за легитимно и транспарентно трошење на јавните средства, посочи Тевдовски и нагласи дека стратегијата придонесува и во зајакнување на превенирањето на измама и корупција во спроведувањето на јавните набавки.

Тој потенцира дека дводневната конференција во Скопје е одлична можност нашите претставници да ги споделат искуствата со гостите, но и да ги слушнат добрите практитки за развој на внатрешната ревизија.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/04/2019 12:35