До средината на октомври годинава треба да бидат реализирани првите три инвестиции во преработувачката индустрија со средства од ИПРАД 2 програмата. Договорите беа потпишани денеска во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а станува збор за вкупно 315.000 евра што ќе се вложат во опрема за сушење овошје и зеленчук, во нова линија за свежи цедени сокови, како и во опрема за преработка на млеко и млечни производи.
Тројцата инвеститори, од Тетово, Неготино и Визбегово, рекоа дека наместо 1,5 година, колку што се чекало до сега за одобрување на проектите, постапката овојпат била многу брза и траела неполни два месеца од завршувањето на јавниот повик.
-Влегуваме во силен инвестициски циклус кој ќе го раздвижи пазарот, ќе придонесе за решавање на проблемот со вишокот производи и ќе отвори нови работни места, рече министерот Љупчо Николовски по потпишувањето на договорите.
Според Николовски, ова е уште една потврда дека ИПАРД е успешна приказна и дека земјава полека станува лидер во регионот. Се враќа довербата кај граѓаните во однос на повлекувањето на европските пари.
-ИПАРД Програмата веќе не е баук и достапна е за секој што ги исполнува потребните услови и ги почитува регулативите. Со максимална и професионална ангажираност на сите вработени направивме во најкраток рок да се обработат и да се потпишат договорите. Порано процесот на обработка траел подолго и за склучување се чекаше повеќе од 1,5 година. Сега за два месеца се обработија апликациите. Ова значи побрз пласман на европските средства до нашите корисници, претпријатијата од преработувачката индустрија и земјоделците, со што ќе се намали дисбалансот кој се јавува на пазарот. Ќе се овозможи и откупните цени да достигнат повисока вредност, а со тоа и да се извезуваат производи со поголема додадена вредност, нагласи директорот на Платежната агенција Николче Бабовски.
Инвеститорите пренесоа различни искуства во однос на ИПАРД аплицирањето.
-Досега чекавме многу време. Ни бараа „те ова“, „те она“, еден куп документи, а сега е многу лесно. За два месеца ги потпишавме договорите. Во мојот случај така и треба да биде зашто се работи за млекарница, истакна Сервет Ќазими од „Сентис“ кој за опрема за преработка на млеко доби 90.000 евра.
Мора да се модернизираме, друго „чаре“ нема, дополни Омер Фејзулаи од „Баконутс“, чиј договор за опрема за сушење овошје и зеленчук е вреден 150.000 евра. Тој, како што раскажа, еднаш аплицирал за ИПАРД, во 2011 година, но брзо се откажал зашто му одговориле по 1,5 година и притоа згора и го одбиле зашто, наводно, не ги исполнувал условите. -Потоа бев разочаран, не аплицирав се додека не ме убеди мојот консултант.Увезувам 250 непечени артикли, а извезувам сушени и пакувани во Косовои и Албанија. Секако, продавам и тука, кај нас, напомена Фејзузали.
Славчо Јорданов од „Ким“ ДОЕЛ кој, според договорот, ќе вложи 76.000 евра во опрема за свежо цедени 100-процентно риродни сокови, првпат аплицира за средства од ИПАРД. -Ќе ни треба уште опрема поради што планираме за два-три месеца повторно да се јавиме на некој од наредните повици, рече Јорданов.
За мерката 3 – „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи“ до Платежната агенција, информира Бабовски, пристигнале 65 апликации со кои се побаруваат околу 15,4 милиони евра. Деновиве ќе се потпишуваат и други договори од одобрените барања, а во тек е и обработката на апликациите од повикот за мерката 1 „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“ за кој пристигнаа 1.099 апликации за 17,2 милиона евра.
-Вкупно на располагање за двете мерки на располагање има 25 милиони евра, потенцира Бабовски.
Од склучените 950 договори по првиот ИПАРД 2 повик, досега 794 апликанти ги завршиле инвестициите и доставиле барања за поврат на средства. Притоа, 180 компании целосно ја имаат добиено финансиската поддршка во износ од близу два милиона евра.