Во организација на Travel Shop, Work Shop и Skytour Албанија денеска во Охрид пристигнаа 60-тина тур-оператори од Европа, Америка и Азија, кои почнаа кружна балканска тура веднаш по завршувањето на Саемот за туризам ITF Тирана (EXPOCITY) во Тирана.
Како што информира Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), тур-операторите утре ќе имаат можност да се запознаат со туристичкиот потенцијал на Скопје, а целта на турата е запознавање со регионот и можност за почнување продажба на аранжамни.
Според АППТ, и годинава ќе продолжи трендот на зголемување на бројот албански туристи во земјава, дури со забрзан интензитет од веќе регистрираниот лани. Бројот на туристи од Албанија во 2018 година бил зголемен за 29 отсто во споредба со 2017-та, а бројот на ноќевања пораснал за 31 процент.
На Саемот за туризам што се одржа на 5 и 6 април во Тирана, земјава трет пат го претстави својот туристички потенцијал. Штандот беше посетен од бројни официјални лица кои ја дадоа својата поддршка за соработката со Албанија во поглед на туристичката размена, а меѓу нив беа министерот за туризам и животна средина на Република Албанија, Бленди Клоси, министерот за претприемништво, Бледи Цуци, министерот за култура, Елва Маргарити и амбасадорот на Република Северна Македонија во Албанија, Данчо Марковски.
АППТ на Саемот во Тирана претстави активности кои може да се искусат во земјава, а претставници од приватниот сектор беа хотелите „Бистра“ и „Парк“. Потенцијалните туристи од Албанија покажаа интерес за посета на Охрид, Струга, Скопје и ски центрите Маврово и Попова Шапка, додека албанските индивидуални патувачи сметаат дека малата дистанца во овој случај е предност.
-Она што и оваа година се потврди е дека албанските тур-оператори кои организираат кружни тури, не ја изоставаат Македонија од нивната агенда, наведува Агенцијата.
На Саемот учествуваа голем број туристички работници од околните држави кои ги промовираа дестинациите, регионите, градовите и туристичките атракции пред тур-операторите од Албанија, албанските медиуми и потенцијални туристи. Се организираа и бројни панел дискусии на кои збор имаа лидери во областа на туризмот во Албанија и пошироко, а овозможено беше и онлајн вмрежување со hosted buyers преку систем за онлајн закажување состаноци – алатка која е употребувана од најголемите саемски манифестации.