Оперативните мерки за вработување, меѓу кои Младинската гаранција ги даваат посакуваните резултати. Се намалува севкупната невработеност, која сега изнесува 19, 4 отсто, како и невработеноста кај младите која од 48,2 отсто во 2016 е намалена на 45,8 отсто во 2018 година. Овие податоци претставуваат импулс за речиси за три пати да се зголеми буџетот за поддршка на Оперативниот план за вработување за годинава, оцени денеска премиерот Зоран Заев по завршувањето на настанот „Искуства и придобивки од Гаранцијата за млади“.
Мерките, рече, се шанса за сите никој да не биде изоставен ниту младите, ниту лицата со попреченост и најранливите граѓани. Апелираше сите што сакаат да најдат работа, да се преквалификуваат и доквалификуваат да аплицираат за овие мерки.
Годинава Гаранција за млади ќе се реализира на цела територија на земјата и се очекува со неа да бидат опфатени околу 9.500 млади луѓе.
Дека мерките ги даваат очекуваните резултати се согласува и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
– Северна Македонија е единствена земја која не е ЕУ членка, а ја пилотираше и имплементираше мерката младинска гаранција Тоа е мерка која ги поврзува младите со државните институции во посредување при вработување за на крајот да стигнат до вработување во реалниот сектор. Бизнисот ја препозна идејата на Владата да се подготват млади луѓе кои ќе бидат конкурентни на пазарот на труд и ќе се вработуваат во овој сектор, рече Царовска.
Според неа, бројките покажуваат дека во 2018 повеќе од 1.800 лица млади се вработени со Младинската гаранција.
-Годинава таа се проширува во три региони, за во 2020 година да има и законско решение со кое на секое младо лице ќе му се гаранатира дека по завршување на образованието ќе добие можност да се доквалификува и да се стекне со одредена вештина што ја немал во образовниот процес за да може да се вработи, рече министерката.
Со ова, според неа, Владата покажува оти се грижи секое младо лице да си го најде местото во општеството и да остане во државата, зошто, како што рече, само така може да изградиме силна економија и силна држава.
И та и премиерот Заев се на ставот дека за да останат младите во државата, а со тоа и да се зголеми наталитетот мора да се создадат услови тие да се реализираат овде и да добијат плати кои мислат дека ги заслужуват, нешто на што Владата интензивно работи.
Тенденциите на пад на наталитетот, според Царовска, се од времето на минатат власт кога многу млади луѓе ја напуштиле државата. Ние сега, рече таа, само ги чувствуваме последиците.
Премиерот Заев пак, додаде дека трендот на заминување е намален, но, оти се уште постои.
-Се надевам дека економските параметри кои лично мене ме прават оптимист ќе бидат поголеми и оти граѓаните вистински ќе ги почуствуваат. Но за да се задржат освен тоа потребно е е владеење на правото, добро здравство, квалиутетно образование… нешто на што сите ние и заедно работиме, истакна премиерот.
Само така, потенцира тој, граѓаните ќе почнат да се разубедуваат да не ја напуштаат државата и овде да се реализираат, а дури потоа и можеби некои што се заминати да се вратат во државата.