Новиот претседател на Друштвото на ликовни уметници на Македонија–ДЛУМ Филип Фидановски, кој беше избран на 2 март, денеска на прва средба со медиумите ги претстави плановите за работа и проблемите со кои се соочил на самиот почеток на четиригодишниот мандат.

За шест изложби во 2019-та ДЛУМ со Годишната програма на Министерството за култура добил 210.000 денари. Но од нив, рече Фидановски, може да оправда само 44.000 денари за ставката: Дизајн на шест каталози и подготовка за печат. Таа е единствената што им е одобрена од Министерството од 12-те ставки во нивната апликација. Апсурдно е, рече Фидановски, што се одобруваат пари за подготовка на печатењето каталози за изложба, а не и за нивното организирање и поставување.

-Од 12 ставки финансираат само една, за каталозите. Не знам како ќе ги оправдам останатите 166.000 денари. Годишната програма е небулозна, поголем хаос не може да биде, рече Фидановски на прес-конференција. Нелогично е и тоа што решението го добиле на 11 март, ден пред Министерството да ја објави ревидираната програма.

Приговор, рече, поднеле и зашто првпат во Годишната програма е изоставена наградата за добитникот на Гран-при на изложбата на ДЛУМ „Зимски салон“ – оваа година уметницата Шќипе Мехмети. Наградата се состои од двомесечен престој во ателје во Париз, а ја доделува токму Министерството за култура. Фидановски е незадоволен што „вчера формирани здруженија“, како што рече, добиле повеќе бодови одошто нивната институција која е најстара во еснафот – постара од сите галерии и музеи во земјава.

Она за што ќе се залага и се надева е дека ДЛУМ по 73 години постоење заслужено ќе добие свој галериски простор, за што добил ветување од премиерот. Не разговарале за конкретен простор, но тоа ќе биде во Центар каде што и во минатото ДЛУМ имал простори што му биле одземани и пренаменувани. Благодарение на Министерството за одбрана, сега имаат само канцеларија во Дом на АРМ од 20 квадрати и плаќаат кирија. Исто така, разговарале и со Националната галерија за изложби заедно да го користат просторот во куќата на Лазар Личеноски под Кале. Соопшти и дека во изминатиот месец склучил договори со неколку компании за уметнички материјали да им даваат 20 отсто попуст на нивните членови.

Претседателката на Уметничкиот совет Дијана Томиќ-Радевска рече дека идејата им е ДЛУМ да ги следи актуелностите во светот, да биде отворен за сите, но и строго селективен во критериумите со кои, рече, ќе се елиминира просечноста.

-Имаме членови на ДЛУМ кои со години ги нема на изложби, не се активни. Членството во ДЛУМ им го пишува во биографиите, но како да не им е чест да учествуваат на изложба. Сакаме да го подобриме квалитетот на изложбите и ДЛУМ да биде место каде што ќе се промовира она што се случува во земјава, рече Томиќ-Радевска.

Според новиот тим, ДЛУМ треба да биде отворен и за уметници кои не се негови членови, како и за автори од странство. Таква ќе биде изложбата „Молк за…“ на 22 април, која е дел од проектот „Поместени граници“. Под кураторство на Александра Вилиќ, ќе бидат претставени дела од девет автори, меѓу кои еден од Грција.

Задутре, пак, ДЛУМ со сопствени средства и со поддршка на Младинскиот културен центар ќе ја отвори изложбата „Современа скулптура“ на која ќе учествуваат 24 автори со 30 дела. Ќе биде доделена наградата „Боро Митриќески“ именувана по академскиот уметник и под покровителство на неговото семејство.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/04/2019 17:31