„Матица македонска“ го објави романот „Песот со тажен поглед“ од Оливара Николова. Најновото дело на познатата писателка е автентично сведоштво за човечките судбини во Првата светска војна, кои засолниште наоѓаат во Британската воена болница во Скопје.
– Романот „Песот со тажен поглед“ по својата тематска определба и по својата естетска носивост претставува извонредно сплетен мозаик, кој говори за трагични мигови што се случувале на балканските простори. Во богатата литературна хроника, авторката мајсторски го гради дејствието и на показ изнесува трагични судбини. Вешто ја следи тенката линија меѓу животот и смртта, меѓу заблудата и стремежот, меѓу среќата и тагата, меѓу занесот и искушението, истакнува издавачката куќа.
Оливера Николова во изминатите четири децении создаде богат прозен опус, со што обележа значајна етапа во развојниот процес на современата македонска литература.