Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вчера, во Виена, учествуваше на конференцијата „Гледајќи назад, гледајќи напред“ организирана по повод петнаесетгодишнината од првиот бран на проширување на Европската Унија (ЕУ), кога во неа пристапија единаесет земји од Балтикот, Централна и Југоисточна Европа (ЦЈЕ). Во рамки на панел-дискусијата посветена на финансиската интеграција, Ангеловска-Бежоска се осврна на развојот и карактеристиките на финансискиот сектор на земјава.

-Нашиот финансиски систем, како и системите во останатите земји од ЦЈЕ е во голема мера поврзан со европскиот финансиски систем, што се согледува преку значителното учество во сопственоста од страна на европски банки. Релативно високиот степен на финансиска интеграција донесе значајни придобивки за нашата економија, како што се пристапот до надворешни извори за финансирање за поддршка на растот, поголемата понуда на финансиски производи за населението и корпоративниот сектор со што се поттикнува и штедењето и кредитирањето, како и трансферот на финансиски „ноу-хау“, посочи таа.

Гувернерката, како што стои во соопштението, го истакна и високиот степен на усогласеност на домашната регулатива за банкарскиот систем со европската регулатива, што придонесува за стабилноста и отпорноста на нашиот банкарски систем и истовремено создава услови за натамошна финансиска интеграција, што е особено значајно во контекст на нашата стратешка определба да бидеме дел од европското семејство.

Конференцијата ја организираат Центарот за европска политичка стратегија на Европската комисија (ЕК), што е под директна надлежност на претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер и Генералниот директорат на ЕК за економски и финансиски прашања. ЕК има за цел на едно место да собере истакнати носители на политики и експерти од Европа, високи претставници на меѓународни и европски институции, како и претставници на приватниот сектор и на академската заедница, за да се анализираат искуствата и влијанијата од епизодата на проширување на ЕУ од 2004 година, во контекст и на идните предизвици за Европа и нејзината економија.

На Конференцијата, вчера, се разговараше за влијанието на членството во ЕУ врз реформите и макроекономските политики и врз финансиската интеграција во регионот, како и за значењето на членството во ЕУ за забрзување на конвергенцијата на економиите, при што се разгледа улогата на трговијата, инвестициите, финансиската интеграција и институционалните канали. Истовремено, во дискусиите, големо внимание им се посвети и на начините на кои членството во ЕУ може да помогне преку промовирањето стабилно макроекономско окружување и подлабока и побезбедна финансиска интеграција.

Меѓу учесниците, Ангеловска-Бежоска е единствениот висок претставник на централна банка на земја што сѐ уште не е членка на ЕУ. На панел-дискусијата на што учествуваше таа, акцентот беше ставен на состојбата во сферата на финансиите и банкарството во земјите од регионот на Централна и Источна Европа, како и во балтичките земји, пред и по проширувањето на ЕУ. Притоа се разговараше и за најновите случувања, предизвиците и можностите во иднина.

Во Виена, Ангеловска-Бежоска оствари и билатерални средби со високи претставници на Европската комисија, како и со своите европски колеги и со претставниците на меѓународните институции и на академската заедница.

Денес, конференцијата „Гледајќи назад, гледајќи напред“ продолжува во Братислава, каде што во дискусиите, вниманието ќе биде насочено кон инвестирањето во човечкиот капитал и кон иднината на конвергенцијата и проширувањето на ЕУ.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/04/2019 11:57