Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска денес учествуваше на „Бизнис отворен ден“ на Економскиот факултет од Љубљана, Република Словенија, што се одржа во Стопанската комора на Македонија, каде што имаше свое обраќање на тема „ЕУ-интегративните процеси во насока на привлекување на директните странски инвестиции во Република Северна Македонија“.
„Со исчекорот кој го направивме на патот на евро-атланските интеграции успеавме да воспоставиме стабилни политички основи, кои се императив за економскиот раст и развој, да отвориме економски перспективи за поголем прилив на нови странски директни инвестиции во земјава, што ќе значи креирање на нови и добро платени работни места, пораст на продуктивноста на работната сила, пристап до нови технологии и знаења, развој и усвојување на современи менаџерски вештини, финансиска стабилност и општа благосостојба во општеството“, рече министерката Апостолска.
Осврнувајќи се на економските бенефиции од евро-атланските интеграции, министерката Апостолска истакна дека реално се чувствуваат позитивни промени во деловните активности во земјава.
„Минатата година со ниво од 624,5 милиони евра ги пробивме сите рекорди за странски директни инвестиции, што е за 267% повеќе од просекот во изминатите 8 години, притоа обезбедувајќи околу 4.500 нови и добро платени работни места. Република Македонија со својата јасно дефинирана политичка траекторија за полноправно членство во НАТО и ЕУ ја зголеми атрактивноста за странските инвеститори“, истакна министерката Апостолска.
Помеѓу говорниците на настанот беа и д-р Андреја Кодрин, висок претставник и член на EFSI – Европскиот инвестициски фонд за стратешки инвестиции (Европска инвестициска банка), проф. д-р Метка Текавчич, декан на Државниот Економски факултет од Љубљана и Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија, кои се осврнаа на значењето на активната интеракција помеѓу образовните институции и бизнис заедницата во ЕУ-интегративните процеси.