Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп в сабота ќе биде домаќин на проекција на филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар-Митевска, кој беше прв македонски претставник во официјалната конкуренција на Берлинскиот филмски фестивал.
Филмот имаше вкупно осум проекции на Берлинале и доби две престижни награди – Ecumenical Award и Guild Film Prize. Одличен одѕив од публиката и критиката на фестивалот имаше и главната актерка Зорица Нушева, а покрај неа во филмот учествуваат и Стефан Вујисиќ, Петар Мирчевски, Симеон Мони Дамевски.
-Јас лично сакам многу работи да кажам и верувам во слоевитоста на вистината. Приказната е едноставна и поради тоа мислам дека е поприемчива во споредба со моите претходни остварувања. Учам со секој нов филм и се радувам на секој нов предизвик, изјави режисерката Стругар-Митевска.
Македонската премиера на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ беше минатиот месец во Скопје.