Две книги драми за Скопје од драмскиот автор, сценарист и прозаист Томислав Османли деновиве излегоа од печат во издание на книгоиздателството „ВиГ Зеница“.
Станува збор за двотомната објава „Драми за Скопје 1 и 2“ во која се поместени пиеси, монодрами и сценски прикази за Скопје како хронотоп во овој дел од драмските текстови од Османли. Во првата книга се сместени трите целовечерни пиеси „Светулки во ноќта“, „Техно ѕвезда“ и „Пат за Парамарибо“, проследени со информации за нивните изведби и со предговорите на авторот напишани за театарските програми, а во втората книга се поместени монодрамите „Облачна исповед“ и „Дирекција за внатрешна контрола“ (единствен неизведен текст од двотомната објава), како и сценските повести „Мементо за еден град“ и „Пруга за ледната пролет“.
„Драмите за Скопје“, вели издавачот и писател Глигор Стојковски, се имагинативно бродење низ историјата и сценски погледи врз нејзините хировити игри што се случуваат на еден простор, колку во Скопје, уште повеќе во драмата на обичниот човек збиен во големата, драматична мелница на историјата. И не само на минатото, туку и на сегашноста неизвесно отворена кон предизвиците на новиот век.
Драмските текстови во двотомникот „Драми за Скопје“ се режирани од Виолета Џолева, Деан Дамјановски, Димитрие Османли и Нела Витошевиќ, додека монодрамата „Облачна исповед“ ја доби Првата награда на 4. Фестивал на монодрама во Битола во 2002 година, а истата година пиесата „Пат за Парамарибо“ доби награда на македонската редакција на „Дојче Веле“ за антивоена творба. За драмските текстови во првата книга, Османли стана добитник на наградата „13 Ноември“ по втор пат.
Двата тома „Драми за Скопје“ се поддржани со средства од најновиот конкурс за проекти од културата и уметноста распишан од Градот Скопје.