„Локомотива“ како партнер на мрежата Номад танц академија е дел од големата меѓународна конференција „Network of Residencies in South-East Europe #NORSE – International Conference on Residencies in South-East Europe“, што се одржува од 7 до 10 април.
Како што соопштуваат од „Локомотива“, целта на конференцијата, организирана од Номад танц академија – Словенија и Центарот за урбана култура „Кино Шишка“ и со поддршка на Град Љубљана, е да се изгради мрежа на резиденцијални простори во Југоисточна Европа како модел на институционализиран и децентрализиран центар за современ танц.
На конференцијата учествуваат бројни локални и меѓународни партнери на мрежата Номад танц академија, професионалци во полето на современите изведувачки уметности и претставници на градови од Југоисточна Европа.
На конференцијата „Локомотива“ ќе ја претстави „Кино Култура“- Скопје како простор за современи изведувачки уметности и современа култура со значајна регионална и меѓународна соработка во полето на современиот танц и современите изведувачки уметности.
-На оваа конференција „Локомотива“ ја претставуваат: Виолета Качакова, Биљана Тануровска Ќулавновски, Елена Ристеска и Викторија Илиоска, на кој се придружи Славчо Димитров, теоретичар во културата и соработник на Локомотива. На конференцијата како претставници на Град Скопје учествуваат и Никола Наумовски – шеф на кабинет на градоначалник на град Скопје и Антонио Павловски – претставник на Секторот за јавни дејности, одделение за култура. Тие ќе го престават градот и неговата културна политика, програма и институции во културата со можност за продлабочување на билатералната соработка со град Љубљана и меѓународната соработка со други градови од Југоисточна Европа, наведуваат од „Локомотива“.
„Network of Residencies in South-East Europe #NORSE“ е дел од серијата на застапувачки настани /Номад танц застапува/во полето на современиот танц во регионот, и е 4-ти по ред, по настаните организирани во Скопје во 2012 година, Софија во 2015 година и Белград во 2017 година.
Во рамки на овој застапувачки настан организиран во Љубљана од 11 до 14 април, веднаш по конференцијата ќе се одржи и состанокот на партнери на мрежата Номад танц академија во рамки на кој ќе се презентираат и евалуираат активностите реализирани во 2018 година и ќе се направи план на програма и активности за периодот што следи.
Учеството на тимот на „Локомотива“ на „Network of Residencies in South-East Europe #NORSE“ е поддржано од Министерството за култура.