Народната банка по намалувањето на каматната стапка во претходниот месец, оцени дека е соодветна на постојните економски и финансиски услови и на последната седница одлучи да ја задржа на ниво од 2,25 проценти.

На седницата Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка е заклучено дека од намалувањето на каматната стапка во март па досега не се забележани поголеми промени во трендовите кај показателите клучни за монетарната политика.

-Последните макроекономски показатели и оцени упатуваат на одредени отстапувања во однос на проектираната динамика, но согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика главно се непроменети во однос на претходните оцени. Во тек се и нови оценувања на макроекономските варијабли и ризиците во рамки на редовниот пролетен циклус проекции, наведуваат од Народната банка во соопштението.

Споредбата на последните макроекономски показатели со нивната проектирана динамика во рамки на октомврискиот циклус проекции, според Комитетот упатува на одредени отстапувања во одделни сегменти од економијата. -Тековно расположливите високофреквентни податоци за периодот јануари-февруари 2019 година упатуваат на натамошни поволни поместувања во економијата, видливи преку забрзаниот раст на индустријата и трговијата, како и преку значителното забрзување на растот кај градежништвото. Ова, дополнето со стапка на раст на економската активност во изминатата 2018 година од 2,7 отсто што е над проектираната, соодветствува со очекувањата за постепено забрзување на економскиот раст во наредниот период.

Во соопштението се наведува дека просечната годишна стапка на инфлација во првиот квартал на 2019 година изнесува 1,2 отсто, што е под проектираното ниво со октомвриската проекција. Воедно, најновите оцени упатуваат на послаби притисоци од увозните цени во 2019 година. Во вакви услови, ризиците околу проектираната стапка на инфлација за оваа година од околу два отсто тековно се оценуваат како надолни.

Расположливите податоци од надворешнотрговската статистика за јануари и февруари упатуваат на можност за остварување малку поголем трговски дефицит од очекуваниот за првото тримесечје на годинава. Воедно, податоците за менувачкиот пазар заклучно со втората декада на март укажуваат на остварени нето-приливи од приватните трансфери што се блиску до очекуваните за првиот квартал од 2019 година. Девизните резерви на крајот на март се малку пониски во однос на крајот на минатата година, при што нивното ниво и натаму е високо и постојано е во сигурната зона. На девизниот пазар, како што наведуваат, движењата се и натаму поволни, при што Народната банка интервенира со откуп на девизи од банките.

Првичните монетарни податоци за март годинава, според Народната банка покажуваат месечен раст и кај депозитите и кај кредитите. Притоа, поради подобрите остварувања на крајот на 2018 година, растот на депозитите, на годишна основа и натаму го надминува растот проектиран за крајот на првиот квартал од оваа година. Во однос на кредитната активност, послабите остварувања на крајот на минатата година придонесуваат за одржување на кредитирањето на пониско ниво од очекуваното, а со тоа и за негов малку понизок годишен раст во однос на проектираниот.

Ликвидноста на домашните банки, како што заклучува Комитетот, е задржано на релативно стабилно и високо ниво, што придонесе за отсуство на потреба кај банките за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на необезбедени депозити. Вишокот слободни парични средства банките и натаму го насочуваа кон расположливите депозити кај Народната банка, кои овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречена кредитна поддршка на домашните субјекти.

На девизниот пазар, во март, во услови на раст на побарувачката за девизи, банките на нето-основа продаваа девизи во трансакциите со клиентите. Банките ја обезбедија повисоката побарувачка за девизи во целост од сопствената девизна ликвидност. Народната банка интервенира со умерен откуп на девизи од банките поддржувачки.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2019 11:23