Македонскиот брас квартет, Стојанче Косовски (труба), Александар Златески (труба), Горан Јанев (хорна) и Владан Дробицки (тромбон), денеска од 18:30 часот ќе оддржи концерт во КИЦ на РСМ во Софија.
Квартетот ќе изведе дела од Џеремаја Кларк, Георг Фридрих Хендл, Хенри Персел, Џованни Франческо Анерио, Џузепе Верди, Морис Равел, Волфганг Амадеус Моцарт, Николај Римски – Корсаков, Астор Пијацола, Александер Алјабиев и Скот Џоплин.
Македонскиот брас квартет, основан во 2013 година и составен од четворица колеги, вработени во Македонска опера и балет (МОБ), има настапувано во Кавадарци, Прилеп, Битола, Охрид, Тетово Берово и Скопје, во рамки на фестивали и самостојни концерти. Стојанче Косовски е прв трубач во МОБ од 2005 година хонорарно соработувал со Битолската камерна опера, Македонската филхармонија, Градските оркестри на Битола и Скопје, проектански оркестри од Австрија и Белгија. Александар Златески е трет трубач со прв пистон во Македонската опера и балет, хонорарно соработува со градскиот оркестар, Македонска филхармонија и здружение на џез музичари ЗЏМ. Горан Јанев е прв хорнист на Македонската Опера и Балет, хонорарно соработува со Македонска филхармонија, проектански оркестри од Бугарија и оркестарот за филмска музика Fames Скопје. Владан Дробицки е прв тромбонист на Македонската опера и балет, хонорарно соработува со градскиот оркестар на Скопје, Македонската филхармонија и здружение на џез музичари ЗЏМ.