Претставата „Како се прави човек“, во режија на Хана Миленковска, е добитник на Гран при наградата за најдобра претстава во целина на 12. Интернационалниот театарски фестивал (ИТФ) „Лица без маски“, информираат од фестивалот.

Жири-комисијата во состав: Бојан Трифуновски (режисер), Ивана Настеска (новинар/критичар) и Мики Анчевски (актер) во образложението за ГРАН ПРИ наградата велат: „Претставата „Како се прави човек“ е целосен театарски чин, кој преку минимални изразни средства, а со јасен и промислен режисерски концепт, се допира длабоко до суштествените теми на егзистенцијата. Со чистата, стожерна актерска игра и зрелоста во драматуршкото обликување, овој проект ги заслужи сите епитети за комплетен театарски чин, што воедно ги задоволува и начелата на фестивалот за алтернативен и експериментален театарски пристап“.

Претставата „Како се прави човек“ е една од неколкуте проекти на Театарот на Навигаторот Цветко, кои заедно со Кино Култура го реализираа проектот „Направете место за младите театарџии“.

Наградата за најдобра режија, информираат од ИТФ, беше доделена на Ана Батева, за претставата „Кокошка“, во продукција на „СПАМС“ студио и „СФУМАТО“ театарската работилница од Софија, Бугарија.

Актерската награда, жири комисијата одлучи да ја подели на актерите Бобан Алексоски, за монодрамата „Дневникот на лудиот“, во режија на Ѓорѓи Ризески и на Леонардо Малтезе, за проектот „Машината на Пинокио (Ти не си еден од нас)“, во продукција на театарската академија „Софија Амендолеа“ од Рим, Италија.

На 12. издание на ИТФ „Лица без маски“, настапија шест професионални независни продукции од Бугарија, Италија, Косово и три македонски претстави. Фестивалот беше реализиран од независниот „Театар 007“ во соработка со Ј.У. Дом на култура „Кочо Рацин“ – Скопје, со финансиска помош од Град Скопје, се вели во соопштението од ИТФ „Лица без маски“ 2019.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2019 17:25