Осумнаесет отсто помалку вредни: јазот во платите на мажите и жените во Македонија е темата за која денеска дебатираа учесниците на дебатата, што се одржа во организација на Центарот за истражување и креирање политики, по повод утрешниот Ден на еднакви плати меѓу мажите и жените.
Време е да се затвори јазот во платите и жените да добијат соодветен надомест за својот труд, време е жените да се охрабрат и во поединечните преговори за плата да побараат колку што им следува на мажите, време е да се воведат алатки за евалуација на вредноста на трудот и да се изедначат бодовите за работа со иста вредност, време е да престане родовата дискриминација на работното место, беа дел од пораките што ги упатија учениците на дебатата.
Марија Ристевска нагласи дека дебатата се организира со цел да се подигне јавната свест за јазот што постои меѓу примањата на мажите и жените за исти работни позиции.
Северна Македонија ја има потпишано и ратификувано Конвенцијата за еднакви плати, ги следи препораките согласно европските политики но јазот сепак е евидентен.
Емил Крстановски од Канцеларијата на Меѓународната организација на трудот напомена дека Конвенцијата е донесена по втората светска војна, земјава ја има ратификувано, но сепак тоа што таа го препорачува се уште не е остварено.
Нагласи дека јазот кој постои во заработувачката е најочигледниот, најмерливиот вид на дискриминација.
Во земјава се изработени две истражувања во 2011 и 2015 и двете покажуваат јаз, односно жените, како што рече тој заработуваат во просек по 18 или 19 отсто помалку од мажите.
-Промовираме да постои објективен, родово неутрален механизам, со кој ќе можат да се вреднуваат сите работни места и да се надминат родовоите разлики кои настануваат во заработувачката, рече тој.
Никица Мојсовска Блажевска, извршна директорка на Македонија 2025 нагласи дека родовиот јаз е само еден елемент на пошироката тема за неповолната положба на жените на пазарот на трудот.
Мал дел од жените во земјава се активни на пазарот, на труд. Само половина од жените од 15 до 64 години учествуваат на пазарот на трудот, како вработени или невработени, за мажите тој процент изнесува 70. Таа додаде дека во ЕУ тој јаз е 11 отсто.
-Од оние кои што учествуваат на пазарот на трудот, мал процент, односно 40 отсто се вработени, нагласи Мојсовска Блажевска.
Генералната секретарка на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство, Маре Анчева напомена дека е мошне важно жените и воопшто работниците синдикално да се организираат за да можат да ги остварат своите права, меѓу кои и надминување на јазот на платите.
Дона Димов Марковска, од Организацијата на работодавачи истакна дека членките на организацијата се работодавачи, кои ги почитуваат законите, колективните договори, директивите и конвенциите на ЕУ, но сепак се свесни дека имплементацијата и примената за законите понекогаш претставува пречка за остварување еднакви права на мажите и жените.
Напомена дека во оваа смисла треба да се земе предвид и структурата на стопанството, односно 91 отсто претставуваат микро компании, кои многу често немаат можност и немаат направени специффикации за конкретни типични работни места што може да претставува пречка за еднаква плата на мажите и жените.