Промоција на две книги „Песни за егејот“ и „Раскази за егејот“, како и изложба на фотографии „70 години од завршувањето на Граѓанската војна во Грција“ се одржа денеска во Дом на АРМ. Автори на овие книги се учениците од петто до деветто оделение од сите училишта во републиката.
– Мораме овие настани да ги практикуваме затоа што живееме во бурно време, одиме напред, но секогаш треба да се сеќаваме и на корените, на културата, историјата. Двете држави во овој момент и Северна Македонија и Грција имаат договор за соработка, ги отворивме нашите врати на ниво на влади, во двете општества има простор и желба да соработуваме што повеќе за оваа меѓусебна државна соработка да произлезе на сите полиња, но исто така мораме во сопствените атари, во сопствените општества да раскажуваме и да се преиспитаме кои сме, што сме, за нашите митови, за историјата и секој од своја страна треба да се преиспита, рече заменик министерот за образование и наука Петар Атанасов.
Додаде дека мора да гледаме напред, но и да ги споделуваме нашите мемории, сеќавања и истории со младите генерации, затоа што, како што рече, културните вредности, вредностите на историјата и она што го живееме е нешто трајно и секој треба да го негува.
Според Атанасов, Договорот од Преспа ни дава можност на двете држави да соработуваме на сите полиња, да се поддржуваме и да отвориме перспективи за двата народа.
– По долгогодишен застој мислиме дека имаме шанси квалитетно да се затворат сите прашања. Двете држави ќе мора во тие евроинтеграции да ги почитуваат и конвенциите и се она што е напишано, но пред се се радуваме на соработката затоа што Договорот од Преспа ни ги отвори сите перспективи на нашата држава, вели Атанасов.
Републичкото здружение на децата бегалци „Т’га за југ“, во соработка со Министерството за образование организирал настан во кој преку конкурс децата аплицираа со свои песни и раскази за дел од историјата. На конкурсот учествувале над 250 деца.