Околу 190 илјади лица се евидентирани во Агенцијата за вработување како невработени, а половина од нив се пасивни баратели односно на секои шест месеци само се пријавуваат во Агенцијата. Од оние кои бараат работа, голем дел не се појавуваат на интервјуата за работа, а од оние кои ќе отидат на интервју за работа, половина не ја прифаќаат работата.
– Условно се соочуваме со проблем кога еден работодавач бара работна сила. Има ситуации кога од поканетите невработени, 70 проценти не доаѓаат на интервју бидејќи тоа не е задолжително. Од 30-те проценти кои ќе дојдат на интервју, половина од нив одат на интервју кај работодавачот, но најчесто ја одбиваат понудата за работа. Причините за тоа се најразлични, односно не им одговара местото, платата, смената…., истакна денеска на прес-конференција директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска.
Таа посочува дека има и ситуации во кои одредено работно место фигурира како слободно, а работодавачот преку оглас веќе го пронашол лицето кое ќе го вработи, така што кога ќе се јават невработените лица за тоа работно место, работодавачот ги известува дека тоа е веќе пополнето. Ова, според Јовановска, создава недоверба меѓу сите чинители на пазарот на труд.
– Во принцип имаме објавено работно место, а работодавачот веќе го има пронајдено лицето кое ќе го вработи, така што невработените лица кога ќе се јават на огласот работодавачот им вели дека веќе е направен избор и невработеното лице веќе ја губи довербата во нашата институција. Работиме на тој проблем и сакаме да дојдеме до една вистинска слика за реални слободни работни места за да почне да се создава доверба меѓу сите чинители. Но, и сите треба да бидеме искрени, односно невработените лица да бидат искрени дали навистина сакаат Агенцијата да посредува за нивно вработување, потоа дали работодавачите навистина имаат потреба од работна сила, а и ние како институција да ги зајакнеме капацитетите да се посветиме максимално на посредувањето, вели Јовановска.
Што се однесува до Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2019 година за негова реализација планиран е буџет од 1,1 милијарда денари, а планирано е да бидат опфатени најмалку 8.500 лица. Успешна реализација од 95 проценти, според Јовановска, имал и Оперативниот план за 2018 година со кој биле опфатени околу 6.500 лица од кои 53 процети беа млади лица до 29 години.