Хидросистемот „Злетовица“, што е најсовремен систем за водоснабдување на општините Пробиштип, Кратово, Свети Николе, Штип, Лозово и Карбинци ќе биде ставен целосно во функција во текот на наредните две години. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство годинава од својот буџет издвојува вкупно 212 милиони денари со цел на овој систем се поврзат општините Штип, Карбинци и Лозово, кои не примаат вода за пиење од овој систем.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска на прес-конференција во Пробиштип објави дека веќе е распишана тендерска постапка за избор на консултантска куќа, а отварањето на понудите ќе биде на 16 мај.

-Треба да се изработи целокупната техничка документација за сите овие општини и до крајот на годината наш приоритет е првично да биде реализирана инвестициската фаза, што се однесува на Штип. Заради тоа што тука има постоечки објекти и станува збор за рехабилитација на постоечката Филтер станица. Сите активности што ќе произлезат од техничката документација ќе бидат реализирани во 2019 година во Штип и за тоа се обезбедени 3,5 милиони евра, вели Николовски.

Тој додаде дека за следната година за овој хидросистем се обезбедуваат дополнителни 3.200.000 евра, наменети за изградба на Пречистителни станици за вода во општините Карбинци и Лозово, потоа изградба на цевководи до нив и пристапни патишта до овие капитални објекти за двете рурални општини.

-Веќе во 2020 година целосно ќе биде заокружена првата фаза од хидроисистемот „Злетовица“, за што многу години се зборува и се потрошени многу пари на граѓаните, кои веќе треба и да ги враќаат назад, вели Николовски.

Во моментов од ХС „Злетовица“ вода за пиење добиваат општините Пробиштип и Свети Николе, кои во текот на минатата година почнаа и редовно да си ги плаќаат обврските, односно долговите кон ова државно јавно претпријатие за дистрибуција на водата за пиење до нивните Филтер станици.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2019 13:36