Во Агенцијата за млади и спорт денеска беше организиран прием по повод најновиот успех младите македонски каратисти кои настапија на Медитеранските игри во Анталија, Турција.

Од осумте македонски каратисти, најуспешен беше Фахик Весели, кој стана медитерански шампион во категорија -67 килограми за помлади сениори (У21). Одличен резултат имаше и Бојан Костов со бронзен медал во -52 кг за кадети, а со пласмани на 5. место завршија Доан Османи во категорија – 75 кг за помлади сениори, Владанка Аврамова во ката за јуниори и Јована Манчевска во ката за кадети. Сите овие каратисти се стипендисти на Агенцијата за млади и спорт.

Директорот на АМС Дарко Каевски уште еднаш се заблагодари на младите спортисти, нивните тренери и на федерацијата, кои уште еднаш потврдија дека се нашата најуспешна федерација а каратето е најуспешниот спорт.

– По четирите медали од кои два златни и два бронзени на европското првенство во помлади категории во Алборг, ова е уште еден голем резултат постигнат во конкуренција на земји од три континенти кои се велесили во каратето и тоа треба да биде дополнителен мотив за сите во каратето да продолжат да работат со младите каратисти од кои во иднина очекуваме да ги наследат своите идоли во сениорска конкуренција. Во најскоро време треба да профункционира ваучер системот, кој ќе биде голема финансиската поддршка за сите спортисти, изјави Каевски.

Тој ја оцени соработката со КФМ на највисоко можно ниво, а резултатите кои се постигнуваат во континуитет како одлична можност за добивање организација на големо натпреварување.

Тоа би значело подигнување на нивото и на популарност и на квалитет на каратето, но и шанса за уште поголеми резултати. За такво нешто Агенцијата е расположена да помогне, затоа што бенефитот е и кај спортистите, за спортот и за државата, додаде Каевски.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2019 13:48