Книгата „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ од Александра Јуруковска вечер ќе биде промовирана во Младинскиот културен центар.
Промотори на делото ќе бидат професорите и писатели Елизабета Шелева и Александар Прокопиев. Издавач е „Авант прес“, а книгата е поддржана од Министерството за култура.
Александра Јуруковска е новинар и книжевен критичар. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде и магистрирала. Од 2001 година работи како новинар и уредник во културните и информативните редакции на повеќе медиуми во нашата држава.
Нејзините новинарски текстови, критики, рецензии и есеи за литературата и театарот се објавувени во сите позначајни специјализирани списанија и магазини за култура и литература во нашата држава: „Синтези“, „Наше писмо“, „Културен живот“, „Театарски гласник“, „Спектар“, „Литературен збор“, „Разгледи“, „Современост“ како и на порталите: eckermann.org.rs, www.blesok.com, www.reper.net, www.balkani.eu, www.javno.com. Учестувала на повеќе научни конференции и дискусии од областа на културата и медиумите. Од 2008-2015 година објавува критики за современата македонска литература во дневниот весник „Дневник“. Нејзината прва книга „Ткаење на текстот“ (Силсонс, 2014) е избор од тие текстови. „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ е нејзина втора книга.