Околу 50 прилози од различни рубрики на 213 страници се вклучени во првиот број на списанието за литература, култура и уметност „Современост“ за 2019 година.

Поезијата со која се отвора првиот број, од четирите предвидени, за 2019 година ја сочинуваат домашни поети кои припаѓаат на различни генерации, вклучувајќи ги: Васил Дрвошанов, Ирена Јурчева, Исток Улчар, Никола Алтиев, Ивана Крстиќ, Христо Петрески, Томе Таушанов и Чедомир Шопкиќ.

Авторите Митко Маџунков, Тони Попов, Мирјана Тренчева, Билјана Ѓонеска, Маријана Јанческа и Ива Китановска се застапени со раскази.

Овој број става акцент на странска поезија и проза. Меѓу застапените автори од странство се вбројуваат препеви од познатиот словачки поет Ерик Ондрејичка во препев на Звонко Танески, српските поети Драган Јовановиќ Данилов, Мирослав Тодоровиќ, Валентина Новковиќ и Љубодраг Љумовиќ, како и хрватскиот поет Синиша Матасовиќ. Во препев на поетесата Сеида Бегановиќ се појавуваат босанските поети Жељко Граховац и Милена Рудеж, а од современата бугарска поезија и проза застапени се авторите: Нели Кирилова, Марко Видал и Петар Денчев. Квалитативно посебен придонес имаат поетите преведени од англиски јазик, и тоа: Октавио Квинтаниља во препев на Михајло Свидерски; Џон Тејлор во препев на Снежана Стојчевска; Питер Робинсон и Том Филипс во препев на Митко Гогов и Сендоо Хадаа и Фети Саси во препев на Стефан Марковски.

Уредничкиот тим на списанието предводен од Стефан Марковски, Снежана Стојчевска и Никола Алтиев и во овој број застапи автори со есеи, филозофски текстови, научно-теориски статии и уметнички рецензии и критики. Бројот е заокружен со исцрпна критика на писателот Сашо Димоски за балетската претстава „Ана Каренина“, како и осврт на Маја Чанкуловска за ретроспективната изложба на Танас Луловски, настани кои се одржаа кон крајот на минатата година.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2019 16:57