Значително голем интерес за учество во мерките и програмите за вработување кои се дел од Оперативниот план 2019 покажаа невработените лица и работодавачите.

Оваа 2019 година Оперативниот план за вработување има најголем буџет за реализација до сега, во висина од 1.1 милјарда денари како и најголем опфат на корисници, односно 2000 корисници повеќе од лани.

Реализацијата на овогодинешниот оперативен план започна пред 2 месеци, а опфатот за дел од програмите и мерките е веќе пополнет.

-Најголем е интересот за учество во мерките кои водат до директни вработувања. За програмата самовработување-прептриемништво аплицираа и во моментов отпочнаа со обука 2076 лица од кои околу 800 се млади лица до 29 години. Најмалку 1070 лица од овие лица ќе се самовработат во првата половина на 2019 година.- потенцираше директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска.

Мерката Субвенционирање е во фаза на потпишување на договори со кои што во текот на следната недела ќе бидат вработени 1000 лица од кои 50 проценти се млади до 29 години.

Во тек се потпишување на договори за мерката Вработување и раст на правни субјекти за вработување на нови 500 лица.

Поради голем интерес на младите лица за програмата „Практиканство“оваа година опфатот се зголеми на 1625 млади лица што е највисок опфат за оваа програма до сега и од следната недела ќе започне потпишување на договорите за оваа мерка.

Во овогодинешниот оперативен план акцент се става и на преквалификацијата и доквалификацијата на невработените лица, со него е предвидено 4740 лица да бидат опфатени со различни обуки .

Успешна реализација од 95 проценти имаше и ланскиот Оперативниот план 2018 со него беа опфатени 6349 лица од кои 3340 или 53 проценти од учесниците беа млади лица до 29 години.

Преку програмата Самовработување сопствен бизнис отворија 1191 лица,преку мерката Субвенционирање на плати беа вработени 759 лица, а мерката Вработување и раст на правни субјекти преку која беа вработени 347 лица. Преку мерката поддршка за вработување на инвалидни лица пак беа вработени 209 лица.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2019 18:06