Пензионираниот професор од Филолошкиот факултет, Коста Пеев, му отстапува книги, фотографии, ракописи и аудио материјали, собирани во последните педесетина години, на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет.
Книгите, фотографиите, ракописите и аудио материјалите кои содржат скапоцени етнолошки и лингвистички информации ќе бидат чувани во посебна збирка „проф. д-р Коста Пеев“ во рамки на библиотеката и архивот на Институтот за етнологија и антропологија, кој ја поседува и најголемата дигитална архива од оваа област во земјата.
Институтот воедно е овластен субјект за заштита и чување на нематеријалното културно наслество, а јазикот и дијалектите се токму дел од него.
За донацијата, професорот Пеев денеска потпиша Договор со деканот на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Ицко Ѓоргоски.
Коста Пеев (1936) е еден од најстарите живи слависти и македонисти, студент на Блаже Конески и експерт за дијалектите на Егејска Македонија. Негови обемни студии се „Речник на македонските дијалекти од југоисточниот дел на Егејска Македонија“ (во шест тома), „Кукушкиот говор“, „Дојранскиот дијалект“ и др. За своите заложни проф. Пеев неодамна од Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, го доби и највисокото признание – орден за заслуги – од областа на македонистиката.