На традиционалниот „Салон на книгата на Балканот” во Париз денеска ќе биде промовиран францускиот превод на книгата „Париз на Омер Калеши’’ од академик Луан Старова.
Покрај авторот, академик Старова, на овој високо вреднуван настан ќе присуствува и сликарот Омер Калеши, кој повеќе од полвина век, живее и создава во Париз во градот на светлината, а е и почесен член на МАНУ.
Станува збор за книгата разговори помеѓу сликарот Омер Калеши и писателот, водени во Скопје, Париз и Истанбул, објавена неодамна во Скопје, во издание на МАНУ. Предговорот е на професорот Ферид Мухиќ.
Омер Калеши се смета за еден од најголемите живи балкански сликари. Роден е во Македонија, во Кичево, школуван на Академијата за убавите уметности во Истанбул, од каде заминува за Париз. Калеши изложувал свои слики во големите париски галерии, додека за него се пишувани обемни монографии. Последниве години, се созадваат посебни галерии од неговото сликарство во Македонија, на Косово, а последната, пред извесно време во Бурса, Турција.