Повеќе од 140 ученици присуствуваа на балканскиот карате семинар што вчера и завчера се одржа во Скопје, на кој инструкторите шихан Тони Петров од Бугарија – 7 дан, сенсеи Зоран Пејов од Македонија – 5 дан и шихан Милан Ѓокиќ од Србија – 7 дан им ги пренесоа техниките за самоодбрана, за поентирање во спортското карате и изведба на кати и други елементи.

Семинарот свечено беше отворен од генералниот секретар на Сојузот на спорстки федерации на Македонија, Борче Боев, во присуство на учесници од Македонија, Бугарија, Србија и Турција, како и претставници од аикидо, џиу џицу и бразилско џиу џицу.

Членската книшка број еден во Карате федерацијата на Македонија, Димче Јанковски, доби особено признание за неговиот придонес во македонското карате.

И шихан Тони Петров не го крие своето задоволство, истакнувајќи дека ова ги зближува народите од регионот и се надева дека догодина ќе има уште повеќе учесници.

Домаќинот Зоран Пејов им се заблагодари на сите учесници, упатувајќи покана идната година повторно да бидат дел од Големиот балкански карате семинар во поголем број.

Годинава семинарот почна од Софија на 22 и 23 март, вчера и завчера во Скопје, а продолжува во Ниш, Србија, на 7 и 8 јуни и во Будва, Црна Гора, од 20 до 23 јуни.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/04/2019 13:28