Иран ќе побара од меѓународната заедница да заземе став во врска со одлуката на САД да ја означат Револуционерната гарда како терористичка организација, изјави иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф.

-Денеска ќе испратиме пораки до шефовите на дипломатијата на сите земји, за да им кажеме дека е неопходно да се заземе став и да ги предупредиме дека овој опасен потег на САД има и ќе има последици, рече Зариф.

Тој испратил писмо до Генералниот секретар на ОН и Советот за безбедност на ОН, протестирајќи против оваа, како што рече, „нелегална американска мерка”.

Како одговор на одлуката на Вашингтон, Техеран реагираше со прогласувањето на регионалната американска централна команда за терористичка организација.

Односите меѓу Иран и САД се влошија минатата година кога Вашингтон се повлече од нуклеарниот договор на Техеран и шест светски сили од 2015 година и воведе санкции за Иран.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/04/2019 15:20