Интересот на компаниите за повикот за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации е голем и до утринава има вкупно 811 регистрации и подигнување на апликациски формулари.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски денеска изјави дека има голем интерес и постои можност повикот да биде проширен доколку има доволен број квалитетни апликации.

– Она што го добиваме како прашање е дали постои можност повикот да се прошири доколку имаме доволен број добри квалитетни апликации. Одговорот е да. Очекувам дека на крајот на повикот ќе имаме позитивен притисок од економијата кон Фондот, а со тоа и кон Владата, не само да се искористат сите средства што се на располагање, туку овие средства да бидат дополнително зголемени, рече Деспотовски во изјава дадена пред денешната презентација на повикот пред членките на Стопанската комора на Македонија.

Вкупниот обем на средства на овој повик е пет милиони евра од кои три милиони се средства од Владата, а останатите два милиона се обезбедени од Светска банка.

– Она што е новина во рамки на повикот е што се проширува партнерството на Владата со компаниите односно Фондот ќе стане партнер во успехот на резултатите на компаните. Очекуваме дека компаниите што ќе ги финансираме како старт ап, мали и средни претпријатија, ќе учествуваме со пет проценти во нивниот годишен приход по завршување на инвестицијата. Тоа значи дека на среден рок очекуваме дека Фондот ќе генерира приход од успехот на овие компании кој понатаму ќе го вложува во нови програми. Со тоа нема постојано да бидеме зависни од финасирање на Буџетот на Република Северна Македонија, туку средствата што ќе ги остваруваат компаниите низ успехот на овие проекти, ќе може понатаму да се враќаат во економијата. Ова е систем што постои во светот и сакаме да го примениме овде, истакна Деспотовски.

Од Стопанската комора на Македонија велат дека компаниите мора да ја унапредуваат иновативноста поради предизвиците за освојување на нови пазари и за исполнување на барањата на потрошувачите кои се менуваат во согласност со светските трендови.

Повикот е отворен до 15 мај, а е наменет за сите микро, мали и средни претпријатија. Годинава може да аплицираат и приватни здравствени установи со доминантен домашна сопственост.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/04/2019 14:19