На денешната средба со земјоделците од Општина Ранковце, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, разговараше за актулените состојби во земјоделството и најави неколку нови мерки кои МЗШВ по изборите ќе им ги понуди на земјоделците, со удвоени суми за финансиска поддршка за развој на земјоделството.
-Изненаден сум од интересот за искористување на мерките кои ги нуди ИПАРД програмата, особено од интересот на руралните жени, за кои ќе биде зголемена поддршката со мерката за поддршка на жени-земјоделки, за оние кои се занимаваат со традиционално производство, за да ги задржиме во оваа област, за нив ќе има можност за грант од 3.000 евра. Кај мерката млад земјоделец ќе се зголеми износот на грант од 10 на 20.000 евра, за набавка на приплоден добиток одвоивме 1,5 милиони евра, и тука го гледаме интересот за набавка на добиток од увоз, за којшто имаме побарувања од страна на земјоделците поголеми до предвидениот износ, а истиот е неколкукратно зголемен во однос на програмите од претходните години, изјави Николовски.
Со ова, истакна, ќе се направи обнова на добиточниот фонд во државата, ќе треба да бидат увезени околу 1.300 јуници, само по однос на оваа мерка, затоа што се променети критериумите.
-До минатата година оваа мерка се спроведуваше на база на најпрво реализирана инвестиција, а потоа склучен договор со Платежната агенција. Тоа и го разговаравме денеска со земјоделците, тоа е нивно барање, сега ќе биде обратно, прво ќе склучат договор со Платежната агенција, да бидат сигурни дека ќе бидат покриени 50 отсто од трошоците, а дури потоа ќе ја реализираат инвестицијата, односно ќе вршат набавка на добиток. Поради тоа има и поголем интерес, додаде Николовски.
За неколку дена, најави, ќе биде објавен новиот повик за мерката за набавка на механизација, кадешто исто така, за 2019 година е зголемен неколкукратно буџетот, а ќе изнесува 60 милиони денари.