Во рамки на 15. „Танц фест“ вечер од 20 часот во Македонскиот народен театар ќе бидат изведени три кратки кореографии – „Фенси сме“ на Рисима Рисимкин и две на младите кореографи Дејан Битровски – „Луцидниот Јос“ и Адријана Данчевска – .„Скеч“.

Битровски ја создава „Луцидниот Јос“ на музика на Дулелуд, видеото и фотографијата се на Владислав Гавриловски, а костимите ги изработи Благој Мицевски.

-Сѐ што гледаме или ни се привидува, е само сон во сонот, вели Битровски кој од 2014 година во Скопје танцовиот театар активно учествува во целиот репертоар како танчар, а во последно време и како кореограф.

Во неговата претстава ќе настапат Анастасија Данчевска, Сара Цветковска, Јована Зајкова, Адријана Данчевска, Исидора Краљевска, Бобан Русески, Јасмин Систи од Италија и Нил Хохенер од Швајцарија.

Кореографијата „Фенси сме“ на Рисимкин ќе ја изведат Исидора Краљевска, Фросина Шуман, Тања Крстевска, Борис Богдановски, Дамла Пинар Башар од Турција. Музиката во живо ќе ја изведуваат перкусионистите Виктор Филиповски и Владимир Трпчевски.

Третиот дел на претставата е кореографијата „Скеч“ на Адријана Данчевска, која е дел од првата генерација млади кореографи на Скопје танцовиот театар, каде што работи како танчар и кореограф. Таа ги изработи и костимите, а музиката ја компонираше Александар Гроздановски.

-Диво, искрено и сега, вели Данчевска за кореографијата „Скеч“ во која ќе настапат танчарите: Тереза Лазарев, Јасмин Систи од Италија, Сара Цветковска, Нил Хохенер од Швајцарија, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска и Јована Зајкова.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/04/2019 16:34