Во прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ се подготвува претставата „Арапска ноќ“ од Роланд Шимелфениг, во режија на Зоја Бузалковска. Премиера на претставата ќе биде во мај.
Според режисерот Бузалковска, оваа динамична драма со пет лика е напишана на специфичен јазик. Ликовите зборуваат во трето лице или гласно ги коментираат своите мисли, а потоа влегуваат во дијалог. Елементите на трилер ја градат неизвесноста во развојот на дејството.
– Се работи за прекрасна приказна, неверојатно урбана и сензуална, што во себе го спојува Истокот и Западот, грубата реалност и надреалното во сонот, тесниот стан и арапската пустина. Дејството се случува во европски град, во една летна ноќ, кога ненадејно се прекинува веќе востановената практика на функционирање на животите секоја вечер. Една обична десетка на станбена зграда, иста како многу околу неа, со текот на времето се претвора во „волшебна кула“ и станува „извор на магичен реализам“. Така, оваа зграда и овие пет луѓе стануваат пресек на целиот свет, вели режисерот Бузалковска.
Во претставата играат Игор Трпче, Даниела Иваноска, Александар Степанулески, Димитар Ѓорѓиeвски и Ангела Наумоска. Дизајнот е на Јулијана Воjкова–Најман, а музиката е на „Фолтин“, што ќе биде и дел од претставата.
Претставата „Арапска ноќ“ е првиот од четирите проекти што се дел од годинашнава програма на прилепскиот театар.