Зголемување на ефикасноста во борбата против даночната евазија во Северна Македонија и Црна Гора е целта на меморандумот за соработка што го потпишаа денеска во Подгорица директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска и директорот на црногосраката Даночна управа Миомир M. Мугоша.

– Даночните управи на Република Северна Македонија и Црна Гора се исправени пред предизвикот да бидат цврст стожер и да овозможат силни и економски стабилни општества. Двете институции се соочуваме со слични проблеми и потешкотии и напорно работиме да ги надминеме. Потпишувањето на овој Меморандум е токму во таа насока и ќе овозможи да се унапреди соработката, меѓусебната помош, довербата како и ефикасноста во заедничката борба против даночната евазија, истакнала Лукаревска на потпишувањето на меморандумот, соопшти УЈП.

Директорот на Даночната управа на Црна Гора, од своја старана потенцирал дека потпишувањето на Меморандумот е од исклучителна важност, бидејќи двете земји ќе имаат можност да ги споделат своите искуства и знаења со што ќе се придонесе во унапредувањето во работата на двете даночни управи.

– Двете институции сме во процес на целосна модернизацијата на процесите со цел значително да ги подобриме и услугите и соработката со даночните обврзници, рекол Мугоша.

Претставниците на УЈП, стои во соопштението, се запознале и со праксата и процедурите коишто се спроведуваат во Даночната управа на Црна Гора во областа на комуникација со големите даночни обврзници како и услужните функции во црногорската управа.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/04/2019 19:03