Во осумте плански региони во државата ќе бидат реализирани 43 проекти во вкупна вредност од 290 милиони денари или 4,7 милиони евра. Од нив, 38 се инфраструктурни проекти, а пет се проекти за подготвка на техничка документација.

Одлуката, како што денеска изјави министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, е донесена на вчерашната владина седница.

До крајот на годината треба да бидат реализирани четири проекти во вкупна вредност од 50 милиони денари во Североисточниот плански регион, осум проекти од 42, 5 милиони денари во Вардарскиот регион, три проекти во вредност од 38,4 милиони денари во Југозападниот регион и шест проекти од 38,1 милиони денари во Полошкиот регион. Ќе се инвестира и во Пелагонскиот регион каде ќе бидат реализирани осум проекти во вредност од 34,3 милиони денари и во Источниот плански регион каде се планирани четири проекти во вредност од 32,6 милиони денари. Во Југоисточниот регион планирани се четири проекти во вредност од 32 милиони денари и во Скопскиот регион ќе се реализираат шест проекти во вредност од 20,8 милиони денхари.

До Министерството за локална самоуправа биле доставени вкупно 49 апликации, а од нив се избрани 43-те проекти што ќе се реализираат.

– На нашата држава и треба развој, но уште повеќе и треба рамномерен развој. Граѓаните од другите градови на државата доаѓаат во Скопје да бараат егзистенција или пак да добијат некоја услуга што ја немаат во својата општина. Тие граѓани би биле најзадоволни кога јавните услуги ќе можат да ги добијат во својата или во соседната општина, на исто толку квалитетен начин како и граѓаните на Скопје, истакна министерот Фазлиу.

Додаде дека во изминатите две години средствата за рамномерен регионален развој се зголемени за 100 проценти и оти тенденцијата за поттикнување на рамномерен развој ќе продолжи и во следниот период. Најавена е и нова стратегија за следниот 10-годишен период.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/04/2019 14:02