До крајот на јуни се очекува општините да ги завршат преговорите со доверителите, а до крајот на годината да ги вратат долговите. Општините имаат обврска да објават и детален извештај за редоследот на исплаќање на долговите.

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу денеска повторно побара од градоначалниците да бидат одговорни и транспарентни во трошењето на јавните пари.

– Кога некој ќе ви пружи рака за да ви помогне во тешка ситуација, треба средствата да бидат искористени одговорно за да не оставите впечаток кај граѓаните дека правите некаква злоупотреба бидејќи тоа ќе ве оштети вас како градоначалници, но ја оштетува и Владата и општеството, истакна Фазлиу, одговарајќи на прашање по денешната прес-конференција во Владата.

Во однос на набавката на луксузни автомобили во општина Струга, министерот најави посета на оваа општина и средба со градоначалникот Рамиз Мерку со цел лично да се информира за целата ситуација.

– Ако постои некаква одговорност за Струга, тогаш граѓаните треба да ја бараат од претставниците на Советот на општината затоа што колку што сум јас информиран набавката поминала и на Совет каде била изгласана од мнозинството. Тие можеле да забележат дека ако се работи за луксузирање, во тој момент да ја стопираат таа постапка, рече Фазлиу.

Владата им додели средства на општините со цел да им помогне да исплатат 51 процент од долговите што ги имаат.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/04/2019 15:30