За 10 до 15 години близу 90 проценти од работните места ќе бидат поврзани со компјутери и дигитална технологија и затоа децата треба подготвено да го дочекаат тој момент. Ова го истакна заменик-министерот за образование Петар Атанасов, кој денеска во Делчево присуствуваше на Вториот семинар за иновации прогрес и дигитален свет за средношколци.

-Средношколците преку еден современ метод и начин учат за дигиталниот свет и глобализацијата, за иновациите и за сето она што ќе ги чека во нивните кариери. И овој семинар и сето она што го работиме како министерство ќе оди во насока да имаме што поквалитетно образование, затоа што со поквалитетно образование вложуваме во младите деца и нивните кариери, но и децата ги упатуваме таму каде што можат да придонесат и за себе и за своите семејства, рече Атанасов.

Стекнувањето нови знаења од оваа област се доста значајни за младите, истакна средношколецот Кире Радински од Берово.

-Светот денеска се заснова на технологијата, таа е насекаде околу нас. На овој иновативен камп стекнавме некои нови знаења за тоа како можеме да го изградиме нашиот живот со почнување сопствен бизнис, рече Радински.

Градоначалникот Горан Трајковски во својство на домаќин, потенцираше дека Делчево е гордо што дава шанса на иднината креирана со дигиталниот свет.

-Како градоначалник, се заложувам младите да добијат поголеми познавања на полето на иновациите, напредните технологии и претприемништвото и мојата интенција е да се прошират познавањата, да се отворат нови видици и да се разбуди интересот за оваа сфера кај младите, рече Трајковски.

Настанот се организираше како дел од трансграничната соработка на општина Делчево и д-р Милен Врабевски и неговата фондација „Бугарско сеќавање“.

-Сето она што е важно за вашиот кариерен развој во еден високодигитален свет во кој сите живееме се дигиталните технологии, претприемништвото, финансиите, роботиката, сателитите. Затоа сакаме да ви го предадеме нашето искуство, експертиза и сакаме утре вие да ја управувате оваа држава и да учествувате во развојот на општеството што води кон повисоки стандарди, рече Врабевски.

На вториот семинар за дигитални технологии и претприемништво учествуваа 220 средношколци од гимназиите во Делчево, Македонска Каменица, Берово, Виница и Струмица.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/04/2019 20:32