Како дел од дополнителната програма на „Охридско лето“, по повод големиот христијански празник Велигден, на 23 април во катедралната црква „Св. Софија“ ќе се одржи концерт на духовна музика со ансамблот „Ноктурно“ од Србија.
Вокалниот ансамбл „Ноктурно“ се формирал кон крајот на 2005 година со интенција на претставување музички дела од различни жанрови. Членовите на „Ноктурно“ се пред се професионални членови на хорот на Операта на Народниот театар во Белград. Ансамблот во зависност од потребите настапува како октет, двоен октет, проширен хор или како поединечен машки или женски состав. Досега настапувале на различни настани во земјата и странство, а како најважни им е гостувањето на ансамблот на фестивалот БАМ во Њујорк во 2006 година кога ја изведуваат претставата „Виолетов оган“ во чест на Никола Тесла.
Ценејќи ја музиката за универзален јазик, тие настапуваат како пратечки хор на многу оперски и естрадни уметници. Нивниот репертоар и опус е широк и се движи од класичниот оперски репертоар, преку духовната музика се до нумери на популарната музика прилагодени за хорска музика.
Членовите на ансамблот „Ноктурно“ како поедници или како дел од ансамблот настапуваат во претставите на Југословенскиот Драмски театар, „Мадленианум“, театарот „Звездара“, како и во целосниот оперски репертоар на Народниот театар во Белград.
Со концертот во Охрид на кој фестивалската публика ќе ужива во музиката на православието, ќе бидат заокружени концертите што „Охридско лето“ ги организира надвор од стандардниот фестивалски термин од 12 јули до 20 август.