Во Центарот за култура „Кочо Рацин” во Кичево со почеток од 10 часот утре и задутре ќе се одржи Филмскиот фестивал за млади „Џифони патува во Кичево“ како патувачки дел од фестивалот „Џифони Македонија“. Фестивалот е наменет на младата публика од 13 до 18 годишна возраст, пред се млади љубители на филм од средните училишта.
„Џифони патува” е проект кој преку ширење на идеите на културниот производ „Џифони” низ земјата и вклучување на поголем број на млади вљубеници во филмот и културата кои во текот на дводневните манифестации преку богата филмска и едукативна програма овозможува младите учесници да ја почувствуваат магијата на филмот и културата воопшто.
-Во текот на двата дена младите ученици ќе го гледаат филмови и ќе дебатираат под водство на актерот Сенад Абдули, кој ќе биде и ментор на актерската работилница. Работилницата за фотографија ќе ја води професорот Роберт Јанкулоски, а ментор на ликовната работилница ќе биде Моника Мотеска, соопштуваат од „Џифони Македонија“.
Фестивалската програма „Џифони патува“ во Кичево се одржува со финансиска поддршка на Агенцијата за филм и Фестивалот „Џифони експириенс“ од Италија, во соработка со Општина Кичево и Италијанската амбасада во Скопје.
„Џифони патува” досега се одржа во дванаесет градови во Македонија и тоа: Прилеп, Охрид, Битола, Штип, Тетово и Берово, Крушево, Велес, Струмица, Кочани, Струга и Гостивар, а оваа пролет во Кичево. Фестивалот во текот на мај ќе патува и во градовите Радовиш, Ресен и Куманово.
Со фестивалот „Џифони Македонија“, младите од нашата земја учествуваат на многу меѓународни фестивали за млади. Неодамна од 10 до16 април, четворица млади како претставници на Македонија учествуваа на Филмскиот фестивал „ТАОБА“ во Грузија. Во јули во рамки на 12 дена, десет ученици и двајца студенти ќе учествуваат на најголемиот фестивал за млади „Џифони Експириенс“ во Италија.