„Македоника литера“ ја објави преведена на македонски јазик збирката раскази „Ужас и големи трошоци“ од хрватскиот писател Роберт Перишиќ.

-Збирката со 20 раскази првпат беше објавена во 2002 година, а од хрватската книжевна критика беше оценета како една од најзначајните книги на деценијата во Хрватска. Перишиќ дава автентична, донекаде и трагикомична слика за поствоеното општество. Пишува за „хендикепираното“ потрошувачко општество, а јунаците најчесто се транзициски потрошувачи зафатени од егзистенцијалниот ужас предизвикан понекогаш од видливи причини: војна, страдања, алкохол, сиромаштија, насилство, но многу често тој ужас е, всушност, безнадежноста во секојдневјето… Расказите во книгата се напишани со жив урбан јазик – на загрепски жаргон, наведува издавачот.

Роберт Перишиќ (Сплит, 1969) по образование е професор по хрватски јазик и книжевност и е еден од најнаградуваните и најпреведуваните современи хрватски писатели. Живее во Загреб како самостоен автор. Негова најуспешна книга е „Нашиот човек на теренот“ (2007), која доби две книжевни признанија и беше преведена на неколку јазици, меѓу кои и на македонски во 2010 година. Освен проза, Перишиќ пишува и драми – „Културата во предградието“ за театарот „Гавела“ и сценарио за филмот „100 минути слава“ во режија на Далибор Матаниќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/04/2019 16:43