Со наслов „Дидимус“ (Близнакот) младиот ликовен уметник Александра Ацеска ја отвори инвентивната прва самостојна изложба во родниот Прилеп, во ликовната галерија од Центарот за култура „Марко Цепенков“. Пред бројните љубители на уметноста, Ацеска ја претстави несекојдневната изложба – склоп на дела кои го истакнуваат дуализмот и, како што вели, сопствената борба со дуалноста во себе.
– Оваа изложба е склоп на дела кои ги работев изминатите години. Насловот е „Дидимус“ што во превод значи – Близнакот и ја доловуваа таа двојна природа со која јас се борам како карактер. Овојпат повеќе изложувам атмосфера, отколку дела сами по себе. Од таа причина под делата нема легенди, ниту пак објаснување за нив, бидејќи треба да функционираат во целината. Целиот проект почна од 22 изрека во житието по Свети апостол Тома кое на еврејски, исто значи, Близнакот. Желба ми беше да направам простор во простор, да го трансформирам просторот на начин кој за гледачите ќе биде различен од нивната претходна идеја за истиот. Во перцепцијата за просторот пробувам да ги вклучам сите сетила, и поради таа причина, на изложбата може да се забележат повеќе форми на изразување, објаснува авторката.
Изложени се објекти, инсталации, фотографии, суминагаши печати, цртежи, слика и аудио композиција. Покрај ликовните дела просторот го оформуваат и суптилни елементи: мирисот, музиката, светлината од свеќите и течностите.
Ова е нејзина, воопшто втора самостојна изложба. Првата беше во Скопје, по повод наградата „Борко Лазески“ за најинвентивен студент на генерацијата.
Ова е четврта од вкупно 35-те ликовни изложби од програмата за оваа година поддржана од Министерството за култура.
– Со самиот факт дека Министерството поддржа 35 проекти од ликовната дејност, го остава Прилеп во врвот во Македонија како град – мека за ликовната дејност и за уметниците, вели Марјан Стојаноски од Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.